Ковачевски: Приоритет е привлекување на странски инвестиции кои обезбедуваат добро платени работни места

LinkSense.mk

Премиерот Димитар Ковачевски во видео изјава го оцени учеството на владината делегација на Инвестицискиот самит на ЕБОР за Западен Балкан во Лондон.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме текстот на видео изјавата во целост:

„Почитувани граѓани,

На инвестицискиот Самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој во Лондон, ги презентирав можностите и предностите кои ги нудиме како држава на странските и домашните инвеститори.

Северна Македонија има одлично развиени програми за поддршка за инвеститорите кои беа позитивно оценети на сите средби кои ги остварив.

Воедно, со добри политики одржуваме стабилна макроекономска состојба и јавен долг кој е под нивото на земјите од регионот. Имаме континуиран пад на стапката на невработеност, a нашата економија се покажа отпорна на силната економска криза што е важно за потенцијалните инвеститори.

На средбите во Лондон потенцирав дека главен фокус на оваа Влада е развој на домашната економија и покачување на стандардот на граѓаните. Северна Македонија не смее да биде место каде ќе се инвестира заради евтина работна сила, туку заради квалитетот на работниците и поволната бизнис клима.

Нашата стратегија е да привлечеме инвестиции и компании кои обезбедуваат добро платени работни во перспективни индустриски гранки. Ги поканив јавните и приватните инвеститори да го искористат потенцијалот на земјата во области како што се развој на зелена економија, дигитализација, иновации и технологија, човечки капитал и развој на инфраструктурата. Ова се областите кои се дел од планот за економски раст и развој на Владата и нашиот фокус е привлекување на инвестиции токму во овие сектори.

Инвеститорите инвестираат во безбедни земји. Како членка на НАТО, безбедноста и стабилноста на Северна Македонија се загарантирани, а со тоа и условите за привлекување на странски инвестиции се добри.

За крај, го презентирав и амбициозниот план на Владата за енергетска транзиција, исклучително важен во време на глобална енергетска криза. Енергетската транзиција ќе обезбеди сигурност и независност во снабдувањето со енергетски ресурси, зголемување на домашното производство со фокус на обновливите извори на енергија.

Предизвиците се големи, но преку правилно поставена стратегија за справување со кризата силно верувам дека ќе ги надминеме.