Комесарот за проширување на ЕУ доаѓа на Балканот, во вторник во Македонија

Оливер Вархеји, европскиот комесар за проширување, в понеделник со посета на Србија ја започнува турнејата низ земјите од Западен Балкан, со чии официјални претставници ќе разговара за одговорот на пандемијата и за поддршката на ЕУ, јави МИА.

Во вторник Вархеји ќе ги посети Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а потоа в среда ќе престојува во Албанија и Косово.

Турнејата на еврокомесарот по Балканот е по повод доставувањето на првите вакцини против Ковид-19 со финансиски средства од Европската Унија.

Вархеји истакна дека на Балканот доаѓа за да пренесе јасна порака дека ЕУ се грижи за своите партнери. Европската комисија и Австрија на 20 април најавија дека на земјите од регионот ќе им бидат доставени вкупно 651.000 дози вакцини од „Фајзер/Бионтек“ во неделни транши, во периодот од почетокот на мај, па до август.

„Овие вакцини ќе помогнат да се забрзаат кампањите за вакцинација, како и да се осигури дека сите медицински работници од првата линија и некои од најранливите групи се вакцинирани“, информираат од Европската комисија.

Вакцините се финансираат од Унијата, од пакетот вреден 70 милиони евра, што Еврокомисијата го усвои во декември 2020 година за да помогне во покривање на трошоците за вакцинација, врз основа на договорот за авансно купување дози за земјите од Западен Балкан.