Конститутивна седница на новото Собрание: Избрана Верификациската комисија

????????????????????????????????????

Собранието денеска на првата конститутивна седница ги избра претседателот и членовите на Верификациската комисија, која на паузата што ја даде претседателот во претходниот состав Талат Џафери, кој ја води седницата, треба да го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени парламентарни избори.

За претседател на Комисијата на предлог на Џафери беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафие Садики Шакини.

– Го молам претседателот на Верификациската комисија да свика седница на која ќе го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија одржани на 15 јули 2020 и дополнително да поднесе извештај со предлог за верификација на мандатите, рече Џафери.

Конститутивната седница на новиот парламентарен состав се одржува во салата Голема купола согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. На оваа седница од 120-те пратеници не присуствуваа само тројца.

Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието.

Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.