Контејнерскиот брод „Евер Гивен“ го напушта Суецкиот канал

Контејнерскиот брод „Евер Гивен“, што во март шест дена го блокираше Суецкиот канал, денеска ја напушти локацијата каде беше закотвен повеќе од три месеци откако сопственикот и осигурителните компании постигнаа договор за компензација со властите на каналот, јави ДПА.

Британските медиуми регистрираа дека „Евер Гивен“ почнал да се движи на север во Големото езеро, лоцирано меѓу северните и јужните краеви на Суецкиот канал во Египет, каде што бродот беше со својот индиски екипаж, на местото на кое беше заккотвен од 29 март.

Овој огромен брод, еден од најголемите контејнерски бродови во светот, беше попречен во каналот шест дена и ја прекина глобалната трговија.

Управата на каналот Суец (СЦА) побара повеќе од 900 милиони американски долари како компензација за спасувачката операција и другите загуби, а износот подоцна беше намален на 550 милиони долари.

На бродот не му беше дозволено да заминува се додека не се постигне спогодба помеѓу јапонскиот сопственик, Шои Кисен, и осигурителната компанија со властите на каналот, кои по постигнувањето на договорот објавија дека на бродот му е дозволено да исплови на 7 јули.

Извори од каналот наведуваат дека „Евер Гивен“ ќе биде придружуван од два риморкера -бродови влекачи и дека ќе биде воден од двајца искусни поморски пилоти.