„Загреб адвент ран“ (Zagreb Advent Run), костимирана предбожиќна трка од хуманитарен карактер, годинава ќе се одржи на 10 декември, а ќе започне во 12 часот пред хотелот „Хилтон Гарден Ин“ во Загреб. Патеките се долги пет и десет километри, додека сегашните проценки за бројот на учесници се околу 3.000 тркачи.
Целта на трката е промовирање на позитивни животни навики и поттикнување на физичка активност, особено трчањето како еден од најздравите начини на рекреација.
Во исто време, фокусот е на информирање на граѓаните, подигање на свеста и инвестирање во подобра иднина со комбинација на академскиот живот и студентскиот спорт.
Посветена е на студенти-спортисти, па оттука овогодинешниот партнер е Фондацијата „Униспорт срце“, која е основана од Хрватскиот академски спортски сојуз со цел да се инвестира во студенти-спортисти преку стипендии и проекти. Дел од средствата од уплатените котизации ќе бидат донирани на Фондацијата за стипендии за нови студенти-спортисти во 2024 година.
Овој декември се одржува осмото издание на трката, која во претходните години собра повеќе од 14.000 учесници и 50.000 евра донации, што го позиционираше Загреб на спортската и празнична туристичка мапа на Европа.
Тркачите доаѓаа од вкупно 43 различни земји, а досега приматели на донацијата беа здруженијата „Љубов на дело“, „Здрави под сонцето“, „Ние не сме сами“, „Големо срце за малото срце“, „ЗАР трча за Петриња“ и Хрватскиот сојуз на здруженија на дијабетичари.
Организатори на трката се компаниите „Милениум промоција“ и „Ран Кроација“, а сите заинтересирани можат да се пријават до 30 ноември на полноќ.
(Фото: Архива – град Загреб)