Крвав напад во парк во Берлин

Дваесет и деветгодишно момче, авганистански државјанин, во Германија со нож нападна 58-годишна жена, пејсажен архитект, која работела во парк во Берлин, наводно затоа што не му се допаднал фактот дека таа како жена била вработена на тоа место, соопшти полицијата.

Нападот во квартот Вилмерсдорф се случи во саботата попладнето, а тешко е повреден и 66-годишен минувач, кој се обидел да и помогне на нападнатата жена.

Полицијата информираше дека напаѓачот, чиј идентитет не е објавен, наводно и пришол на жената и разговарал со неа. Потоа одеднаш од џебот извлекол нож и неколку пати ја пробол во вратот.

Идентитетот на жртвата, исто така, не е објавен.

Напаѓачот е уапсен и ќе биде обвинет за обид за убиство и нанесување на тешки телесни повреди.

Полицијата се сомнева дека осомничениот можеби страда од ментална болест, меѓутоа, обвинителите и криминалистичката полиција истражуваат дали неговиот напад можеби е мотивиран од исламистичка идеологија.