Лавров: „Американските санкции ќе ги победиме со занемарување на доларот“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска оцени дека САД се обидуваат да го ограничат технолошкиот развој на неговата земја и Кина и дека ризиците од санкциите на САД може да се намалат со употреба на национални или
други валути како алтернатива на доларот.

Лавров зборуваше за руските медиуми пред да замине за Кина, велејќи дека Русија и Кина треба да ја зајакнат својата независност, и со оценка дека САД се обидуваат да го ограничат технолошкиот развој на двете земји.

„САД ги потенцираат своите идеолошки планови насочени кон зачувување на нивниот суверенитет преку спречување на развојот на другите земји. Животот ги принудува Русија и Кина да изградат линија за економски и социјален развој без да бидат врзани за каприците на западните земји“, рече Лавров, пренесува Анадолија.

Тој, исто така, додаде дека неговата земја и Кина треба да ја намалат употребата на доларот.

„Ризиците од американските санкции може да се намалат така што во трговијата ќе се употребуваат национални или други валути кои се алтернатива на доларот. Ние мора да се оддалечиме од меѓународните платни системи контролирани од Западот“, истакна Лавров.

Поради санкциите на САД, од март 2018 година Русија започна да го зголемува уделот на злато, евра и јуани во своите резерви и со тоа да го намалува учеството на доларот, што изнесуваше 45 проценти.

Еврото во моментов има најголемо учество во руските резерви од 29,5 проценти, а учеството на јуанот е 12,2 проценти.

 

(Фото: ЕПА / МИА)