Лаура Ковеси положи заклетва како прв обвинител на ЕУ

Романската обвинителка, Лаура Ковеси, избрана за прва обвинителка на ЕУ пред неколку месеци, денеска положи заклетва во Судот за правда на ЕУ во Луксембург, со што треба да започне да работи првото заедничко ЕУ обвинителство, јави дописничката на МИА од Брисел.

Главната задача на првото обвинителство на ЕУ е борбата против корупцијата во ЕУ и против злоупотребата на ЕУ фондовите.

Лаура Ковеси утрово се заколна дека ќе работи независно и за интересите на Европската Унија, дека нема да прифаќа никакви инструкции надвор од обвинителството и дека ќе го почитува принципот на доверливост на информациите.

Романката и нејзините 21 обвинител утрово положија иста заклетва.

И покрај политичките напори, ЕУ не успеа да ги обедини сите земји членки во рамките на ова прво европско обвинителство, па така Полска, Унгарија, Данска, Ирска и Шведска не се дел од него, но можат во секое време да се приклучат.

Европската Комисија го поздрави стапувањето во функција на обвинителството, изјавувајќи дека неговата мисија е јасна: борба против корупцијата и заштитата на парите на европските даночни обврзници.

Комисијата истакна дека обвинителите мора да бидат одлучни, независни и темелни во своите истраги.

Како што потсетуваат од Европската Комисија, ЕУ обвинителството е формирано затоа што секоја година ЕУ губи милијарди евра поради финансиски злоупотреби, меѓу другото во делот на прекугранично ДДВ.