„Ла Ла Ланд“ главен фаворит за „Златен глобус“

Мјузиклот „Ла Ла Ланд“ ги предводи фаворитите за „Златен глобус“ со седум номинации, а во чекор го пратат главните „ривали“: драмите „Moonlight“со шест и „Manchester By The Sea“ со пет.

„Ла Ла Ланд“ на Демијен Шазел, приказна за романса меѓу млада актерка и џез пијанист, номиниран е во седум категории: за комедија/мјузикл, режија, сценарио, главна машка улога, главна женска улога, музика и песна.

Во категоријата на најдобар мјузикл/комедија со „Ла Ла Ланд“ се натпреваруваат и „20th Century Women“, „Deadpool“, „Florence Foster Jenkins“ и „Sing Street“.

За најдобра драма номинирани се „Hacksaw Ridge“, „Hell or High Water“, „Lion“, „Manchester By The Sea“ и „Moonlight“.

Демијен Шазел („La La Land“), Мел Гибсон („Hacksaw Ridge“), Том Форд („Nocturnal Animals“), Бери Џенкинс („Moonlight“) и Кенет Лонерган („Manchester By The Sea“) се номинирани за режија, како и за сценарио, со една разлика што меѓу сценаристите место на Гибсон го завзеде Тејлор Шеридан за „Hell or High Water“.

Едно од непријатните изненадувања е „отсуството“ на новиот филм на Мартин Скорсезе „Silence“ кој од ден на ден добива се повеќе добри коментари од критичарите.

Меѓу номинираните ги нема ниту досегашните „миленици“ на Здружението на странски новинари, Том Хенкс и Клинт Иствуд, за филмот „Sully“, Метју Меконахи за „Gold“ и Кевин Костнер за „Hidden Figures“.

Листата на номинирани во телевизиските категории, ја предводи „The People v O. J. Simpson: American Crime Story“ со пет номинации, вклучувајќи ја и онаа за најдобра мини-серија или ТВ филм. Во таа категорија номинирани се и
„Гардеробер“, „Ноќен менаџер и „Кобна ноќ“.

За најдобра драмска серија номинирани се „The Crown“, „Game of Thrones“, „Stranger Things“, „This Is Us“ и „Westworld“.

„Atlanta“, „Blackish“, „Mozart In The Jungle“, „Transparent“ и „Veep“ се натпреваруваат во категоријата за најдобра хумористична серија.

74-то доделување на „Златниот глобус“ ќе се одржи на 8 јануари во Лос Анџелес.

Водител ќе биде Џими Фалон, а наградата „Sesil B. DeMil“ за животно дело ќе ја прими Мерил Стрип.

Наградитите „Златен глобус“ ги доделува Здружението на странски новинари акредитирани во Холивуд.