Левица поднесе нова пријава, сега за Беким Максути

Политичката партија Левица поради пожарите кои ја зафатија Македонија минатиот месец и притоа предизвикаа значителна материјална штета, поднесе кривична пријава против Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување,

Кривичната пријава е поднесена поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“.

Максути се товари дека во својство на службено лице, преку преземање на умислено и инкриминирано комисивно противправно дејствие, односно необезбедување навремена проверка и сервисирање на противпожарните авиони и непочитување на временски рокови за склучување на потребните договори за сервисирање на авионите, пријавениот го отежнал процесот на планирање, организирање, финансирање и надзор за навремена превенција и отстранување на причините и последиците од природните непогоди.

Со тоа, наводно, Максути го довел во прашање извршувањето на активностите и постапките кои се преземаат од инволвираните страни во процесот на организираното спроведување на заштитата и спасувањето од пожари.

Во пријавата Левица наведува дека на овој начин, „пријавениот постапил спротивно на законските одредби за совесно постапување при вршење на своите законски овластувања и должности“, и дека дополнително предизвикал значителна материјална штета која сè уште не е проценета и чијашто сума, кога ќе биде проценета, ќе биде тешко надоместлива.