Лондон со закон ќе се штити од руски и кинески шпиони

Владата на Велика Британија планира да усвои нов закон, според кој сите лица, кои во таа земја работат за странски влади, ќе мора да се регистрираат.

На овој начин владата на Обединетото кралство планира да ја заштити Велика Британија од „непријателските земји“, како што се Русија или Кина, пишува „Тајмс“.

Според наводите во текстот, британскиот премиер Борис Џонсон ќе објави воведување на нов закон во текот на обраќањето на кралицата кое е планирано за 11 мај. Тој планира да побара воведување на нови правила заради порастот на загриженоста од дејствувањето на Москва и Пекинг.

Новиот закон ќе овозможи да се прошири постоечкиот закон за кривично гонење и депортација на странски шпиони, кои ги загрозуваат националните интереси на Велика Британија. Во склад со тоа, одбивањето на регистрацијата ќе се смета за кривично дело.

Концепцијата за регистрација на странците се базира на аналогична шема, која е актуелна во САД, а подразбира дека странските агенти се обврзани да се регистрираат во Министерството за правда, како и тоа дека периодично мораат да доставуваат извештаи.

Законот се однесува на сите кои претставуваат интерес на други земји, вклучувајќи ги и консултантите, новинарите и експертите за односи со јавност.

Владата на Велика Британија планира да го реактивира и законот за државна тајна и да внесе во него некои промени, кои би овозможиле негова примена и на странците кои се обидуваат да ги поткопаат британските национални интереси, вклучувајќи ги сајбер криминалците кои работат за други држави. Моментно овој закон се однесува само на британските државјани кои се во странство.

Претходно, британското Министерство за надворешни работи соопшти дека зад сајбер нападот против компанијата „Солар виндс“ стои Надворешно-разузнавачката служба на Русија.

Лондон, исто така, изјави дека Русија останува најсериозна закана за британската национална и колективна безбедност.

Минатата недела рускиот амбасадор во Лондон, Андреј Келин, беше повикан во Форин офис и предупреден заради „непријателското однесување“ на Москва.