Лондон: Ѓоковиќ го победи Нишикори

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се пласираше во финалето на завршниот мастерс турнир во Лондон, откако во полуфиналето лесно го победи Кеи Нишикори од Јапонија со 6:1, 6:1.

Дуелот меѓу Ѓоковиќ и Нишикори, меѓу моментно вториот и петиот тенисер на светот, траеше само 68 минути.

Ѓоковиќ во финалето ќе игра против Енди Мареј, кој претходно го победи Канаѓанецот Милош Раониќ.

Српскиот и британскиот тенисер во утрешното финале ќе се борат за трофејот, но и ќе одлучуваат за тоа кој од нив двајца ќе ја заврши годината на првото место на АТП листата.

Ѓоковиќ сигурно го почна мечот, добро сервираше, додека Нишикори направи доста грешки и за кусо време стигна до предност од 4:0. Јапонецот до крајот на сетот, кој траеше нешто повеќе од 30 минути, успеа да освои само еден гем.

Новак во ист ритам го одигра и вториот сет, не давајќи му на Нишикори каква било шанса да се врати во мечот.