Советот на Европската Унија препорача условен датум за почеток на преговори на Македонија за членство во Унијата во јуни 2019 година. За да бидат отворени преговорите, Македонија мора да исполни четири услови: да ги спроведе итните реформски приоритети, да го спроведе договорот со Грција, да добие позитивен извештај од Европската Комисија и одлука од Советот на ЕУ.
Советот на министри очекува следната година Европската Комисија да издаде извештај во кој фокусот треба да биде ставен врз реформата на јавната администрација, борбата против корупцијата, судските реформи и реформата на разузнавачките служби. Во јуни 2019, доколку е задржан реформскиот момент во Македонија, многу брзо потоа ќе се свика првата меѓувладина конференција на која фактички ќе започнат преговорите.
Во меѓувреме Европската Комисија изрази желба да започне со подготовките за преговори, нешто што Советот на ЕУ го прифаќа.
Еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека „од утре“ Комисијата ќе започне со процесот на скрининг во областа на владеењето на правото. Скринингот е технички процес во кој се оценува капацитетот на државата кандидат за отворање на одредено поглавје. Поглавјето за владеењето на правото мора прво да се отвори и последно да се затвори за да се обезбеди дека реформите во оваа област се трајни и одржливи.
Хан на Твитер напиша дека ова е клучен сигнал дека прогресот се наградува.
Франција и Холандија одбиваа секаков датум за преговори за Македонија, бидејќи сметаат дека реформскиот напредок е премногу свеж и сѐ уште не дал трајни резултати.
По напорни дискусии со другите земји членки пронајден е компромис сепак да биде внесен датум, но под гореспоменатите услови.







