Македонија и Косово со заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце-Хани Елези

Северна Македонија и Косово ќе спроведуваат заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце-Хани Елези. Ова го предвидува Договорот за спроведување на Спогодбата за соработка меѓу владите на двете земји што денеска во Скопје го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот косовски колега Хекуран Мурати во рамки на заедничката седница на двете влади.

Договорот овозможува поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на чекање на граничните премини. Договорот ги утврдува извршувањето на активностите на граничното регулирање на железничкиот сообраќај, како и правилата на граничното регулирање на железничкиот сообраќај на овој граничен премин. Контролата ќе ја вршат заедно царински работници од двете земји, на една точка, односно на граничниот премин Хани Елези.

– Договорот ќе придонесе за подобро поврзување и побрз проток на стоки и луѓе меѓу двете земји. Со ваквите заеднички активности придонесуваме за поголема пропусна моќ на пратките, како и подобри услови за бизнис заедницата. Трговската размена меѓу двете земји од почетокот на годината бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра, велат од Министерството за финансии.

Двете земји, како што додаваат, преземаат активности за унапредување на соработката преку подобрување на инфраструктурното поврзување. Во тек е реализација на проектот за изградба на автопатот до граничниот премин Блаце, каде има иницијатива за поставување заедничка контрола, а во рамки на областа на енергиката се преземаат активности за изградба на Интерконективен гасовод.

Двете земји веќе имаат потпишано договори за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот на доход и данокот на капитал, како и за поттикнување и заемна заштита на инвестициите.

– Република Северна Македонија веќе има воспоставено заедничка контрола на границата со Р Србија на граничниот премин Табановце за патниот сообраќај, а треба да се воспостави и во делот на железницата на Табановце, како и на патниот сообраќај кон Албанија на граничниот премин Ќафасан, информираат од Министерството за финансии.