Македонија не дозволува прелет на руски авиони, па и на тој на Лавров

LinkSense.mk

Македонското министерство за надворешни работи го одби барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград.

Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Македонија за авиопревозници во сопственост на Руската Федерација, соопштија денеска од МНР, објаснувајќи ги причините за одлуката зошто не е дозволено авионот со кој требаше да патува рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, да го прелета воздушниот простор на Македонија, на пат кон Србија.

Министерството за надворешни работи вчера потврди за Радио Слободна Европа дека Македонија не дозволува да се користи воздушниот простор на земјата за летот на Лавров.

Барањето на руската амбасада било упатено и покрај фактот што Македонија на 28 февруари воведе санкции за Русија заради инвазијата на Украина.

Освен Македонија, и Црна Гора и Бугарија не дозволија прелет поради што Лавров, како што јави Ројтерс повикувајќи се на извор во руското МНР, ја откажал посетата.

Земјите што ја опкружуваат Србија го затворија небото за авионот на рускиот шеф на дипломатијата и со тоа затворија уште еден канал за комуникација, изјави портпаролката на министерството, Марија Захарова, за италијанскиот телевизиски канал „Ла7“, нагласувајќи дека Москва не е таа што гради нова „железна завеса“, туку Европа е таа која ја оградува Русија.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)