Македонија прва во Европа по смртност од ковид

Бројот на новозаразени се намалува, но висока е бројката на починати од корона вирусот. Најпогодени се невакцинираните граѓани, поради што продолжуваат апелите за што помасовна имунизација.

Македонија, според бројот на смртни случаи, е прва во Европа и четврта во светот, објави веб-страницата ourworldindata.org.

По Македонија се Бугарија, БиХ и Косово, а Србија се наоѓа на 27. место во светот.

Во саботата од направени 4.015 тестирања се регистрирани 365 нови случаи на КОВИД-19, 551 оздравен пациент и 23 починати лица, на возраст од 45 до 89 години.

Од активните 13.052 ковид-случаи, најмногу се во Скопје (5.833). Над илјада случаи има во Тетово, а со висока бројка се и Куманово (914), Охрид (668), Струга (638), Гостивар (530) и Струмица (518).

Министерот за здравство Венко Филипче завчера апелираше граѓаните сериозно да ја сфатат работата со корона вирусот, бидејќи како што рече, само со вакцинација е единствениот начин да постигнеме колективен имунитет и да бидеме заштитени.

Тој посочи дека нема ниту еден аргумент зошто граѓаните не би се вакцинирале.

Филипче информираше дека со есенските месеци, ризик факторите дополнително ќе се зголемуваат, луѓето повторно ќе бидат во затворени простории.

Патем, министерот нагласи дека најавените нови мерки со кои само со примени две вакцини ќе може да се оди на настани, во затворени простории, во угостителски објекти и молови се логичен след на она што веќе како мерка е воведено и потенцираше дека и при следните мерки, ќе се остави доволно простор, две до три недели, за да можат граѓаните да се вакцинираат.

Четворица ученици од штипските основни и средни случаи се потврдени како позитивни случаи на коронавирусот во текот на викендот, а има и по еден наставник и воспитувач од девотелетка и градинка.

Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова, вели дека од почетокот на учебната година па до денеска регистрирани се 25 ученици позитивни на Ковид 19. Половина од нив веќе се и вратени на настава.

Во текот на денов ќе анализираат и дали ја имаат и правата локална трансмисија во градинка од дете на воспитувач.

Имаат, вели, благо зголемување на заразени со вирусот од 10 до 19 години, но состојбата е далеку од загрижувачка.

Во штипските конфекции немаат локална трансмисија на вирусот и им се појавуваат случаи на заразени работнички, кои со вирусот се заразиле по контакт со член од
семејството.

Во Гостивар вчера бил приведен сопственик на угостителски објект бидејќи при контрола биле затекната три лица без сертификат за вакцинација. Објектот времено е затворен од Државниот пазарен инспекторат.

Против сопственикот С.Е. е поднесена кривична пријава која се однесува на „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 186 914, на оздравени пациенти е 167 402, а на починати е 6.460.

 

 

(Фото: МИА)