Македонија слави една година од членството во НАТО

Tочно пред една година Македонија го официјализираше членството во најголемиот воено-политички сојуз, Северноатланската алијанса. Во вонредни околности, во услови кога светот се соочи со пандемијата на Ковид-19, на 27 март 2020 година во Вашингтон вршителот на должност амбасадор на земјава во САД, Вилма Петковска на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, амбасадорот Филип Рикер му го предаде оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство.

Со официјализирањето на членството, Македонија ја реализираше стратешката цел, зацртана со консензус во 1993 година. Само три дена подоцна, на 30 март лани, македонското знаме беше кренато да се вее пред седиштето на НАТО во Брисел со знамињата на останатите држави членки.

Зголемена безбедност, подобра економија, повеќе инвестиции, а со тоа и подигнување на животниот стандард се дел од придобивките кои Македонија ги очекува од членството. Официјализирањето на членството беше невообичаено, во услови на глобална пандемија, на закана за светската економија, но очекувањата се дека по завршувањето на кризата позитивните трендови ќе се рефлектираат во македонското
општество и бидат видливи пред се во економијата.

По повод годишнината во земјава пристигна командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој вчера имаше средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Северна Македонија имаше одличен почеток и обезбедува значителни придонеси за Алијансата“, порача Брук по вчерашните средби.

На заедничката прес-конференција со министерката за одбрана Радмила Шекеринска Брук напомена дека престои затворање на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, што како што кажа е горчливо-сладок момент.

Шекеринска истакна дека експертизата и посветеноста на сите членови на тимот на Канцеларијата за врски на НАТО во изминатите две децении беа од огромна полза за одбраната, армијата и државата. Таа додаде дека заедничката мисија во изминатите години веќе е успешна, затворањето на Канцеларијата за врски означува успешно завршена работа, а дека Македонија е сојузник кој може да се развива и да придонесе кон колективна безбедност на Алијансата.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак оваа недела, присустуваше на состанокот на Северноатланскиот совет на ниво на министри за надворешни работи во Брисел, кој беше првата средба, што се одржа со физичко присуство по пауза од една година заради пандемијата со Ковид-19.

„’Ние сме НАТО’ веќе не е само парола, туку реалност“, истакна во вторникот Османи од Брисел.

Во излагањата тој ја истакна посветеноста на Македонија, како нов сојузник во рамки на Алијансата, во зајакнување на регионалната безбедност, како и активна партиципација во рамките на одржувањето на глобална безбедност.