Македонија – Шпанија 1:2

LinkSense.mk

Репрезентацијата на Шпанија го продолжи трендот на победи против Македонија. Вечерва во Скопје, на „Телеком арената“, шпанските фудбалери против избраниците на Игор Ангеловски ја забележа седмата победа (2-1) во исто толку натпревари.

За Шпанија погодија Силва и Диего Коста, а стрелец за македонската репрезентација беше Стефан Ристовски.

Шпанците тргнаа офанзивно уште од самиот старт на мечот и се заканија во 3 минута преку Карвахал, но топката заврши во корнер. Македонија играше мирно, не напаѓаше, тешко врзуваше додавања и му дозволи на противникот да го диктира темпото на игра, што резултираше со гол во 15. минута.

Силва доби топка во шеснаесетникот на Македонија од Алба, одлично се ослободи од Шиков и биеше во небранетиот агол на Димитриевски.

Во 27 минута Диего Коста се најде осамен во шеснаесетникот и погоди за 2:0 за Шпанците.

Македонија првата шанса ја имаше дури во 32 минута, кога Горан Пандев го проигра Стефан Ристовски на 17 метри од голот на Де Геа, но ударот на бекот профуче крај голот на „фуријата“.

Во 36. минута удар упати и Илија Несторовски, но и тој не успеа да реализира.

Првото полувреме заврши со шанса на Шпанија која ја имаше Иско, но Димитриевски одлично го прочита неговиот удар.

Во продолжението од мечот, во 66 минута, Стефан Ристовски доби топка од Пандев, одлично влезе во шеснаесетникот на противникот и со атрактивен удар го совлада Давид Де Хеа. За Ристовски, ова беше деби-гол во А-селекцијата.

По мечот селекторот Игор Ангеловски изјави дека Македонија заслужено го загуби овој меч, но доби два екстра-таленти.

„Мораме да бидеме реални дека игравме против еден екстра-квалитетен тим. Но не можам да речам дека сум задоволен од прикажаната игра на моите фудбалери, особено не во првите 45 минути. Да, во второто полувреме игравме поопуштено и постигнавме гол, а имавме шанса преку Несторовски да израмниме на 2-2. Можеби натпреварот го загубивме, но морам да напоменам дека добивме два екстра-таленти – Тошевски и Елмас кои се иднината на македонскиот фудбал“.

„Фуријата“ сигурно чекори кон СП. Борбата за првото место во групата Шпанците ќе ја водат со Италија, која исто така во рамки на 6. коло лесно го совлада Луксембург.

Двете селекции имаат по пет победи и едно реми, а Шпанија е на првото место поради подобрата гол-разлика.

За Шпанија ова беше четврта победа во Скопје во четвртиот меч, по триумфите во 1994 (квалификации за ЕП), 2009 (пријателски меч) и 2015 (квалификации за ЕП), а за Македонија, ова е вкупно петти пораз во шестиот квалификациски меч за СП.