Макрон после шлаканицата: „Нема да отстапам пред насилството!“

Францускиот претседател Емануел Макрон порача денеска дека насилството е неспоиво со демократијата и дека тој, без оглед на вчерашниот инцидент и понатаму непосредно ќе коминицира со граѓаните во јавноста.

Откако вчера при посетата на југоисточниот дел на Франција еден граѓанин му удри шлаканица, Макрон изјави дека го разбира незадоволството на граѓаните, но дека насилството е потполно неприфатливо во една демократска држава.

„Го разбирам сиот тој бес на граѓаните. Го прифаќам фактот дека постои гнев кој граѓаните мораат легитимно да го изразат. Редовно сум во контактсо луѓето кои изразуваат вознемиреност заради одредени одлуки, а секогаш сум тука тоа да го слушнам и понекогаш можам да дадам одговори на прашањата, но некогаш – не. Меѓутоа, насилството е потполно неприфатливо, особено во демократијата“, порача францускиот претседател, пренесе Гардијан.

Тој додаде дека и покрај инцидентот и понатаму со задоволство ќе разговара со граѓаните.

„Ќе продолжам да одам насекаде. Не смееме да запреме пред насилството, а посебно пред насилството над јавните службеници. Не треба да губиме премногу време на ова“, рече Макрон.

Францускиот претседател, којшто се наоѓа на турнеја за да го почувствува „пулсот на земјата после пандемијата“, доби шлаканица при прошетката во Јужна Франција, додека ги поздравуваше граѓаните.

Полицијата веднаш после инцидентот го приведе 28-годишниот Демијен Тарел, кој го удри Макрон, а кој на истражителите не им бил познат пред ова. Уапсен е и неговиот пријател којшто требало, и го снимал нападот.

Обвинение за напад на јавен државен претставник во Франција предвидува максимална казна затвор од три години и парична казна од 45.000 евра.