Макрон сака силна и суверена Европа

LinkSense.mk

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, вчера истакна дека задачата на француското претседателство со Советот на Европската унија од 1 јануари е да ја направи Европа „силна во светот“, предлагајќи реформа на Шенген за подобра заштита на европските граници и Мастрихт да усвои нова буџетска рамка.

Францускиот претседател на прес-конференција во Елисејската палата покажа голема амбиција за ова претседателство, кое временски се поклопува со кампањата за претседателските избори во април и за парламентарните избори во јуни.

„Кога би сакал да ја сумирам во една реченица целта на ова претседателство, би рекол дека мораме да преминеме од Европа на соработка во нашите граници во Европа силна во светот, целосно суверена, слободна во своите одлуки и господарка на својата судбина“, рече Макрон пред стотината новинари.

Тој ја повтори клучната важност од зајакнувањето на европскиот суверенитет како поткрепа на националниот суверенитет.

„Во околностите на сите овие кризи што ја погодуваат Европа, многумина сакаат да се потпрат само на нацијата. Нациите се нашата сила, нашата гордост, но европското единство е нивното многу потребно дополнување“, истакна Макрон.

Веднаш по победата на изборите во 2017 година, кои ги прослави со звуците на химната на ЕУ, францускиот претседател се претстави како уверен Европеец, противник на „националистите“ и „популистите“.

Тој го истакнува напредокот постигнат со заедничка акција на 27-те земји, како што е планот за закрепнување од 750 милијарди евра по „Ковид-19“, усвоен во 2020 година.

Париз како мото на француското претседателство го избра „Закрепнување, моќ и припадност“, а сина буква „У“ и црвена „Е“ со бела стрелка, знак на „желба за напредување“, за лого.

Ова е тринаесетто полугодишно претседателство на Франција од 1950-тите и прво од 2008 година.

Во овие шест месеци посебно внимание ќе се посвети на реформата на Шенген зоната со цел ЕУ да ги „заштити своите граници“ во случај на нови големи миграциски кризи.

Предложено е „воспоставување на политичко лидерство во Шенген“ преку редовни состаноци на европските министри за овие прашања и механизми за солидарност во случај на криза на границата на некоја земја-членка.

Макрон најави дека на 17 и 18 февруари ќе се одржи самит на кој во Брисел ќе учествуваат Африканската унија и ЕУ со цел „суштински и темелно да се променат“ врските меѓу двата континента, што моментно го обележува „извесен замор“.