Манчевски: Ќе одговараат извршителите, ама и нарачателите

„Ќе одговараат директните извршители, но уште поважно е што ќе одговараат и оние кои го нарачаа обидот за убиство во Собранието“, рече пратеникот и потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски на денешната прес конференција.

Основното јавно обвинителство, МВР и надлежните институции, посочи Манчевски, мора да водат јавна и транспарентна истрага со цел да се откријат големиот број на злосторници кои беа учесници во овие настани.

„На снимките јасно се препознаваат извршителите на Груевскии, Мијалков, Чавков и Велјановски. Сите до еден се дел од партиските структури на ВМРО ДПМНЕ. Директори на јавни претпријатија, раководители на сектори, вработени во МВР, вработени во јавни претпријатија и многу други коишто примаат плата од државата. Станува збор за организирано сценарио на режимот во распад“, истакна Дамјан Манчевски.

Потоа, Манчевски, за секој од поистурените напаѓачи пооделно даваше објаснување кој е, од каде е и за што до сега одговарал или за што во моментов против него се води постапка.