Доколку размислувате за тоа каде да патувате следната година, во планирањето би можеле да ви користи интерактивната карта на меѓународната организација „Интернационал СОС“ (International SOS), која покажува кои се најсигурните, а кои најопасните земји на светот.
Така, Јужен Судан, Либија, Авганистан, Сирија, Украина и Ирак во наредната година подобро е да се избегнат, а меѓу најбезгрижните земји се Гренланд, Финска, Норвешка, Исланд и Луксембург, пишува хрватскиот портал „Полн куфер“ (Punkufer.hr).
Интерактивната годишна карта е дизајнирана според ризиците од криминал, социјални и политички немири, а од оваа година врз безбедноста на патниците е вклучено и влијанието на климатските промени.
Конфликтите што се развиваат во Газа, Либан, Русија и низ африканскиот регион Сахел доведоа до зголемување на ризиците за патниците во тие подрачја.
Заради криминал и немири, Венецуела, Хондурас и Хаити, исто така, претставуваат висок безбедносен ризик.
Негативните влијанија од климатските промени се однесуваат на глобалниот пораст на температурите, па така, во Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Италија ризикот се смета за низок, но во земји како Нигерија, Демократска Република Конго и Сирија, тој е многу висок.
Во категоријата за климатски промени, Хрватска, Италија и Босна и Херцеговина носат низок ризик, а Австрија, Унгарија и Словенија се уште побезбедни.
Интерактивна мапа која може да ви помогне да го планирате вашето патување можете да ја најдете на овој линк: https://www.travelriskmap.com/?utm_source=pressrelease&utm_medium=newsroom&utm_campaign=RO24#/planner/map







