Во центарот на Бар, Црна Гора, утринава околу 9 часот е убиен Едмонд Мустафа (29), припадник на Шкаљарски клан. Според сеуште непотврдени извори, машко лице го пресретнало Мустафа на раскрсницата меѓу улицата „Поп Дукљанин“ и улицата „Маршал Тито“ и истрелало неколку куршуми кон него.
Напаѓачот, по пукањето, со мотор го напуштил местото на настанот.

Од полициската управа информираат дека е приведено едно лице на кое се вршат детални проверки заради сомневањата дека е поврзан или може да се доведе во врска со извршувањето на ова кривично дело.
По пријавувањето на случајот градот веднаш бил блокиран, а полицијата превзела опсежни оперативно тактички и технички мерки и работи заради утврдување на околностите и идентификација, лоцирање и апсење на извршителот или повеќе нив за целосно расфетлување на настанот.
Истрагата ја води обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица.
Секторот за борба против криминалот му ги ставил на располагање сите свои ресурси, и човечки и технички, на Регионалниот центар за безбедност „Југ“ заради спроведување на мерки и дејствија во насока на докажување и расветлување на ова убиство.
Заради сомнение дека е директен извршител на убиството, три часа по нападот, уапсен е Дино Ибрахимовиќ, исто така од Бар. Осомничениот, велат од полицијата, во таа прилика управувал електричен тротинет и носел кацига.
Против него во тек е судски процес за ликвидација на уште едно лице, на извесен Шќепан Рогановиќ, а имало распишано и меѓународна потерница од страна на држава со која правосудните органи на Црна Гора немале потпишано договор за екстрадиција заради што тој не можел да биде „испорачан“.
При пребарување на теренот близу местото каде што е уапсен осомничениот убиец била пронајдена торба во која имало автоматска пушка, од која најверојатно било пукано во Мустафа.
На Ибрахимовиќ на товар му се ставаат две кривични дела – убиство и недозволено држење и носење на оружје и експлозивни материи.
До овој момент не се знае мотивот за убиството. Се истражуваат сите аспекти релевантни за случајот.
И жртвата и осомничениот за убиството од порано и биле познати на полицијата. Црногорските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, пишуваат дека двајцата биле припадници на иста криминална група која дејствувала на црногорското приморје.
Се шпекулира оти Мустафа се свртел против Шкаљарскиот клан и почнал да дава доверливи информации на една од ривалските групи.
(Фото: Марија Пешиќ / Вијести.ме)