Вкупно 26 европски земји заеднички учествуваа во обемни координирани оперативни активности против трговија со огнени оружја, дрога, криумчарење на мигранти и трговија со луѓе и против високоризични криминални мрежи.
Деновите за заедничката акција ЕМПАКТ (EMPACT) беа планирани врз основа на пристап предводен од разузнавачки податоци, при што полицијата, царината, агенциите за имиграција и граничната контрола ги здружија силите.
Повеќе од 22.000 припадници на полицијата, на жандармеријата, граничната полиција, царината и националните единици вклучени во борбата против организираниот криминал на државите учеснички вршеа интензивни проверки на надворешните граници на ЕУ и превзедоа специјални операции.
Шпанија ги координираше оперативните активности, а Европол ја координираше размената на оперативни информации меѓу вклучените страни. Европол, исто така, испрати експерти на терен за да обезбедат аналитичка поддршка во реално време на полицајците на теренот. Два холандски тима со специјална опрема за скенирање на граничните премини беа во Грција и Црна Гора.
Меѓународниот координативен центар беше во Скопје.
Размената на информации доведе до отворање на 121 нов случај против криминални мрежи.
За шестте денови колку што траеше акцијата ЕМПАКТ (од 13 – 18 ноември), 22.488-те службеници на телата за спроведување на законите покренаа 163 истраги, биле проверени вкупно 288.774 субјекти, 67.277 возила и 215.273 лица. Направен е преглед на 5.225. поштенски пратки, пребарани се 999 објекти и откриени се 2.229 нелегални влезови и фатени се 114 фалсификувани патни исправи и документи за лична идентификација.

Уапсени се 566 лица. 218 од нив заради шверц на мигранти, 186 за трговија со дрога, 69 се поврзани со трговија со огнено оружје, а 89 заради други кривични дела.
Во ЕМПАКТ се запленети 310 парчиња оружје (84 автоматско оружје, 65 пиштоли, 59 пушки, 22 минофрлачи, 16 револвери, 7 карабини, 6 сачмарки, 4 модифицирани оружја, 2 воздушни пушки, 42 друго оружје), 20.206 парчиња муниција и речиси еден тон дрога, вклучувајќи 626 килограми кокаин и речиси 300 килограми хероин и марихуана.
Во деновите на акцијата направени се и сајбер-контроли. Тие биле фокусирани на следење и истражување на активностите на различни веб-страници, форуми и продавници на интернет, како и на апликации за пораки и социјални мрежи.
Целта на оперативните активности беше откривање на нелегалната трговија со огнено оружје и собирање дополнителни информации за идентификуваните цели.
Криминалистичките истраги спроведени на интернет исто така биле насочени на активности кои би можеле да бидат поврзани со оперативни работи на терен.
За време на активностите за сајбер контрола, истражителите открија 120 цели (сметки и/или поединци) поврзани со трговија со огнено оружје, од кои 94 беа на апликации за пораки, 11 преку продавници и 10 на други места на отворен интернет.
Во акциите на ЕМПАКТ организирани од Европол, Евроџаст и Фронтекс, учествуваа полициите на Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Луксембург, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија, Шведска, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Србија, Турција, Украина и Велика Британија.
(Фото: Европол – Јутјуб/Скриншот)







