Поради блокада на грчките земјоделци на преминот Евзони, владата донесе одлука цистерните со нафтени деривати од јужната граница, кои досега во Македонија влегуваа само на граничниот премин „Богородица“, да може да влегуваат и на премините „Меџитлија“ и „Дојран“.
Мерката, која е предизвикана од случувањата во Грција, на сила ќе биде до 5 март годинава.
Владата донесе одлука да се овозможи транзит на нафтени деривати, освен на „Богородица“, и на премините „Дојран“ и „Меџитлија“. Одлуката е донесена поради попречувањата што се случуваат од другата страна на границата“, Александар Ѓорѓиев, портпарол на владата на Македонија
За спроведување на одлуката Владата ја задолжи Царинската управа да обезбеди кадар во техника и логистика за нормално функционирање на двата премина, а МВР треба да обезбеди сообраќаен режим за прифаќање на цистерните што ќе влегуваат и за нивно процесирање до внатрешните царински терминали.
На „Меџитлија“ и „Дојран“ е можно протокот да биде побавен затоа што квалитетот на патот за пристап до премините од двете страни на границата не е идентичен со квалитетот на патот на Богородица – Евзони.







