Според првичните неофицијални резултати на хрватската државна изборна комисија, на претседателските избори, од пребројани речиси 90 отсто од гласовите, во водство е Зоран Милановиќ за кого гласале 29,70 отсто од избирачите.
Втора според бројот на гласови е кандидатката на ХДЗ Колинда ГрабарКитаровиќ со освоени 26,98 отсто, со што ја намали разликата со Милановиќ која беше поголема во почетокот на пребројувањето на гласовите. Трет е независниот кандидат Мирослав Шкоро со 24,20 отсто. Пребројувањето на гласовите продолжува.
Сосема е извесно дека Хрватска новиот претседалте ќе го добие во вториот круг закажан за 5 јануари следната година.
Хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ Андреј Пленковиќ изјави дека резултатот од првиот круг на претседателските избори не е изненадувачки и порача дека очекува актуелната претседателка Колинда ГрабарКитаровиќ во вториот круг да победи.
„Во овој момент мислам дека тое не е изненадувачки, се искристализираа практично тројца кандидати, дел од избирачкото тело на десницата, на десниот центар, се подели меѓу Грабар – Китаровиќ и Мирослав Шкоро и дека затоа резултатот е таков каков што е. Затоа многу поголем простор имаше кандидатот на левите политички опции Зоран Милановиќ, рече Пленковиќ по објавата на неофицијалните резултати.
Тој соопшти и дека во вториот круг очекува „ разумен избор што е добар за Хрватска“, а тоа е, како што кажа, изборот на Грабар-Китаровиќ.
Хрватскиот премиер не очекува дека избирачите кои гласаа за Шкоро ќе се определат за левата опција, додека за ХДЗ-овците кои во првиот круг го поддржаа Шкоро смета дека во вториот круг ќе гласаат за Грабар Китаровиќ.
Во следните 15 дена од кампањата пред вториот круг Пленковиќ најави повеќе дебати и јавни настапи на Грабар-Китаровиќ на кои таа ќе ги испрати клучните пораки за тоа каква политика сака во Хрватска во следните пет години, и додаде дека е уверен дека таа повторно ќе добие мнозинска доверба од хрватските гласачи.







