Мил, Дедо Мраз…

Во ова време од годината, милиони деца во светот добија подароци од саканиот Дедо Мраз. Бараа од него омилена кукла, топка, играчка, лего коцки, телефони, облека…

На симпатичниот дедо, иако сум малку поголем од дете, му напишав и јас.

Посакав да ми ја исполни желбата, да ја истурка омразата и да ја врати човечноста во нас, да ја уништи злобата… Сакам вистината и емпатијата да се присутни секогаш…

Досега ништо нема сторено. Сепак… Чекам… Можеби ќе ги исполни моите молитви.

Начинот на брзото живеење, отуѓеноста меѓу луѓето, не прави затворени во еден свој свет. Не гледаме подалеку од самите нас. За мене хуманоста не значи само да поделиш нешто со некого, туку значи да имаш јасна мисла и чисто срце и да си исполнет со љубов. Притоа, да му приоѓаш на човек искрено и со разбирање затоа што секој носи своја приказна, своја грижа, своја тежина. Ако можеме некому да му помогнеме или да му го разубавиме моментот, добро ќе е, затоа што тогаш сме направиле многу, и за него и за нас.

Ако не си човек триста шеесет и кусур денови во годината попусто е ден-два да се препелкаш со „добри желби“. Не е доволно еден ден да кажеш честитка за Нова Година, Божиќ, или за успешно завршена работа, ако тие луѓе не ги правиш среќни и останатите денови. Убави честитки, вели нашиот народ, можат да произлезат само од искрени срца, од срца кои не ја ставаат својата добрина на вага, туку несебично се даваат себе си, без да добијат нешто за возврат.

Знам бе, Дедо Мраз, му велам во писмото, дека парите се отепувачка, ама па и не се се во животот… Брат, ништо не остана од љубовта… Направи нешто… Гледај, тие, парите, раскараа другари, растурија пријателства. Ме гризе грижа на совест.

Ама, па, во гранапчево наречено Македонија изгледа се се врти околу парите. Зошто!? Како, зошто!? Ај, те молам, види што се случува меѓу луѓево. Меѓу кои? Ееееее…

Еве, двајцана, на пример. Вљубени во својата „нормалност“ до вчера, собрани како мушмули, се галеа и зборуваа тивко, си шепотеа на уво и се милуваа со зборови. Си ја чувствуваа топлината на здивот.

Двајцата, дедо, се специфични и оригинални, но не и свои, никогаш не биле свои. Такви се, без „флекници“. Милиничињава на еден богат торко, „ментор“ кој секогаш се труди да нема силни личности на врвот, кои ќе ја водат државава, обременети со ниската свест на човештвото, се втурнаа во лов на вештерки. Клеветеа, лажеа, повредуваа…

По наредба растргнуваа и распослуваа кого сакаат и до каде сакаат. Уништувањето, оцрнувањето, деградирањето, обезвреднувањето и понижувањето на се она што е прогрес и квалитет, им беа и им е сеуште потесна специјалност…

Секој оној што не се вклопува во нивната ментална матрица, оној што е поинаков од нив и оној што има храброст да го живеее својот сон, го исполнуваше нивното време и го окупираше нивното внимание и беше анатемисуван и прогласуван за ништожник.

Ги поведуваа „нивните“ да ги прогонуваат другите, оние што главно се над нив.

Негативното мислење за другите луѓе го претвораа во омраза. Таа омраза, пак, го донесуваше најлошото: осуди и напади и навреди до коска.

Ако им допуштиш ќе те згазат и ако најдат полабаво ќе ја покажат сета својата злоба, до максимум.

Не им треба ним да знаат многу за другите за однапред да ги осудат, и да ги мразат. Без повод и причина, најчесто. А, тоа многу зборува за нив како луѓе.

Навистина има нешто многу злобно во нив, нешто одвратно, темна страна за која не треба премногу причини за да ја искалат на други луѓе.

Ниедна животинска врста не познава таков начин на дејствување: си ги лечат омразата и предрасудите кон себе на други луѓе. Сопствената смрдеа ја бараат кај оние кои не играат како што тие сакаат и кај оние кои ги разоткриваат.

Не ги прави нив туѓата несреќа – среќни, туку ги прави спокојни. Знаат дека не се сами во нивната мизерија, а мизеријата обожава „добро друштво“. Хаос и конфузија има во нивните души. Тоа се несреќни луѓе на кои им фали некоја позитивна емоција во нивниот живот. Им фали љубов, им фали некој да им покаже дека со добрина и со топлина може да се живее и да се биде среќен. Имаат потреба другите да ги прават несреќни затоа што не сакаат да се чувствуваат осамено во нивната несреќа. Тие сакаат да страда некој со нив.

Повредуваат се околу себе, не размислувајќи притоа за последиците.

Злобни се затоа што се слаби, преплашени, искомплексирани и сето тоа маскирано во бес, ароганција и нарцизам.

Дедо Мраз, му потенцирав во писмото, да имаш поразлични мислења за луѓето, од оние кои се „на лево“ или можеби „на десно“, нормално е… Природно е мислењата и ставовите да ни се разликуваат од оние на другите луѓе. Меѓутоа, судењето на други луѓе засновано врз неосновани претпоставки е почеток на голема грешка. Е, таква грешка направија „челнициве“.

За среќа, пак, читателот знае да препознае „квалитетно уметничко дело.“

Некои луѓе повредите ги залечија, не се многу, ама па тоа не се еден-двајца. Им оставија не лузна, туку лузни. Којзнае, можеби не толку длабоки, но сепак…

Некои од луѓето се научени да живеат со нив, некои, пак, се испоразболеа…

Ама таа, кармата, е многу голема и ете сега ја плаќаат, а и ќе ја плаќаат уште долго. Омразата, која ја насочија кон други, сега им се враќа право во лице…

Сега, истите тие возобљубени чеда, Дедо Мраз, јасно и недвосмислено, онака на ачик, пред сите, на социјалните мрежи јавно си кажуваат „големи вистини“ еден на друг, си излачуваат соголени тајни, а лигавицата од нивната возбуденост е од овде до небо.

Ама па сега, Дедо Мраз, полесно ми е да го разберам нивниот емотивен живот и нивните причинско-последичните врски за случувањата во него.

Белким Господ ќе им дари троа достоинство.

Знам, тешко им е да се решат од омразата оти таа е всадена во нив, туку, барем да се потрудат.

Немојте, бре луѓе, веќе да живеете врз лаги, оти со такви „интелектуалци“ како вас, државава нема да мрдне напред ни милиметар.

Се додека не ја подигнеме свеста за нешето однесување, се додека судиме за другите луѓе без да знаеме што им се случува во нивните животи и во нивната кожа, се дотогаш ќе бидеме сведоци на ваков лов на вештерки…

Добриот свет не почнува со луѓето кои се силни на зборови, туку светот почнува со луѓе кои се силни на дела.
Наместо еден ден,секој ден разбуди добри чувства во другите, нека другите бидат горди што те имаат и познаваат.
Постојат луѓе кои не кажуваат ниту збор, а после видувањето со нив имаш чувство дека твојот живот станал подобар затоа што ти покажале дека си им вреден и чувствуваш колку си почитуван.

Јас…јас, Дедо Мраз, секогаш ќе си бидам искрен и критичен, најмногу кон себе. Сакам да се изборам за своите права ама и за правата на другите, не користејќи валкани средства и притоа не повредувајќи кого било на здравствен план, на изглед… И, не сум погрешил, ете, што сум се воздржувал и зошто сум се воздржувал кон нив, иако тоа некои го толкуваат како страшливост од моја страна. Бесен сум сам на себе што лошо се поставив, но така беше најдобро. Сега кога гледам какви никакви патетични суштества се, уверен сум дека сум бил многу во право.

ПС. Не знам за вас, ама писмово за мене е неизмерна сатисфакција, и се ми се чини дека „Горнион“ ќе ја реализира неговата мисија. Според мене злобата не е перманентна состојба. Тоа е душевна состојба, болест на душата која се лекува. Но, зависи од човекот и од тоа дали тој сака да биде излечен и дали е свесен за тоа што е. Има добар човек во нив двајца, знам. Треба само да им се погоди терапијата.