Министерот Бочварски си заминува од „транспорт и врски“!?

LinkSense.mk

„За одговорноста за автобуската несреќа има институции што работат и истражуваат, на крај ќе дадат одговор каде бил пропустот и согласно тоа секој ќе си понесе одговорност“, изјави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

На новинарско прашање за одговорност на ресорот што го предводи за несреќата во која загинаа 45  патници, а седум беа повредени, Бочварски рече дека во рамки на нивното делување издавањето на лиценците е целосно непречено до овој момент, лиценци се издавани за компани кои побарале да вршат таква дејност, како и изводи од лиценци за сите кои побарале да добијат таков документ за своите возила за да патуваат и да вршат одредена дејност.

Ги провериле, наведе Бочварски, двајцата возачи кои го возеле автобусот, а кога ќе добиеле информација од надлежен орган или институција, од Обвинителството или од Министерството за внатрешни работи, кои се другите возачи кои поминувале веднаш ќе ги провереле во базата на податоците.

Патем, дополни, дека сите документи ги предале во Обвинителството кои ги имала нивната база на податоци, а се однесувале за „Беса транс“. Стоеле, напомена, на располагање на истрагата и не би сакал Министерството да се претвори во истражен орган и да лицитираат со секакви информации. Важно било истрагата да тече согласно процедурите и тоа што ќе го каже Обвинителството.

„Сметам дека во целиот период доста брзо ја информиравме јавноста. Се она што го имавме како информација од нашите бази на податоци го споделивме со јавноста“, наведе Бочварски.

Тој информираше и дека повторно е воспоставено полагањето за сертификати за возачите.

„Тоа беше единствена јавна набавка во Генералниот секретаријат на Владата која се спроведуваше не само за транспорт и врски за полагање на возачи, туку и за полагање за лиценци, за градежно земјиште, судии и обвинители под правда, за труд и социјала, за сите институции што имаат допир со некакво електронско полагање. Тој процес го водеше Генералниот секретаријат, завршен е и возачите од четвртокот навака полагаат за да ги обноват свите сертификати“, рече Бочварски, пред состанокот на Опсерваторијата за безбедност на патиштата на Западен Балкан.

Министерството за транспорт и врски по автобуската несреќа што се случи на 23-ти минатиот месец на автопатот „Струма“ во Бугарија, ја одзеде лиценцата за работа на  „Беса Транс БТБ”, откако беше утврдено дека превозникот за автобусот немал извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид јавен превоз на патници.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска не прецизираше дали ќе остане министер во новата Влада.

Во изјава за медиумите, Бочварски рече дека најважно е што државата останува на патот на евроинтегрирањето, а се останато е одлука на идниот мандатар.

„Најважно е дека правецот на државата останува, а тоа е интегрирањето во ЕУ. Се останато е прашање на идниот мандатар, кој со својот тим ќе донесе одлука да продолжи да ги движи овие важни процеси напред, рече Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Вториот состанок на Опсерваторијата за безбедност на патиштата на Западен Балкан.