Министрите од Западен Балкан, Канада и Украина учествуваат на денешниот ЕУ Совет

LinkSense.mk

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел се сретнуваат со нивните колеги сојузници, вклучително и од Западен Балан, главна тема останува војната во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Утрово министрите одржаа седница со нивната канадска колешка, Мелани Жоли, а попладнево состанок имаат и со украинскиот прв дипломат, Дмитро Кулеба, како и шесте министри за надворешни работи од Западен Балкан, меѓу нив и македонскиот, Бујар Османи.

Војната во Украина, помошта од ЕУ, шестиот пакет санкции против Русија, блокиран од Унгарија, последиците од војната во енергетскиот и прехранбениот сектор, влијанието на Русија на Балканот, сите овие теми ќе бидат тема на разговор денеска.

Претседавачот на овој совет и шеф на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, утрово ја истакна и важноста од учеството на министрите од Западен Балкан.

„Ја имаме посетата на шесте министри за надворешни на шесте земји од Западен Балкан. Ова е начин да се покаже колку е важен Западниот Балкан за нас, колку е важен процесот на пристапување, рече Борел, во контекст кога Украина, Молдавија и Грузија се подготвуваат да добијат кандидатски статус за членство во ЕУ, покрај овие шест земји кои чекаат со децении.

Борел минатата недела веќе се сретна со шефовите на држави и влади на овие шест земји во неформален контекст за да ги слушне главните преокупации.

„Денес ќе седнат на Советот за надворешни работи за да разговараат со нас за ситуацијата на Западен Балкан, кој е многу погоден од економската криза, објасни шефот на ЕУ дипломатијата.

На маса ќе бидат и санкциите против Русија, кои само Србија за сега не ги усвоила во регионот.

Не може да се исклучи и дискусија за разните предлози кои циркулираат од европските престолнини периодов за нов вид на интеграција во проширувањето, од Конфедерацијата предложена од Италијанецот Енрико Лета, до Европската политичка заедница на Емануел Макрон, кандидатурата на Украина неизбежно носи промени во оваа политика. Земјите од Западен Балкан инсистираат дека тоа не треба да го смени процесот во кој тие се ангажирани со децении.

Што се однесува до шестиот пакет санкции предложен од Европската Комисија и кој предвидува санкции врз нафтената индустрија, Будимпешта блокира бидејќи последиците за економијата на оваа земја, според владата, би биле преголеми.

„Има земји кои имаат повеќе проблеми од други. Ова е објективна ситуација, некои земји членки се соочуваат со поголеми тешкотии од други затоа што се позависни, затоа што немаат пристап до море, затоа што немаат можност да добијат цистерни директно. Имаат нафта само преку нафтоводи кои доаѓаат од Русија, така што сигурно ќе разговараме за тоа и ќе направиме максимум да ја деблокираме ситуацијата, не можам да гарантирам дека тоа ќе се случи, предупреди Борел.

Попладнево ќе се приклучи и шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, на министерскиот состанок за да ги брифира земјите членки на ЕУ за последните настани на терен во Украина.

 

 

МИА