Најголемите индустриски групи во Германија испратија до властите во Берлин силно предупредување за „здравјето“ на најголемата европска економија со порака дека бизнисите планираат национални протести за да ја истакнат потребата од реформи.
Митинзите под знамето „СОС, ден на сигналот за помош“ се одржуваат неколку недели пред изборите на 23 февруари и по две години во кои третата по големина светска економија бележи пад.
„Компаниите во Германија се борат со се полоши услови за конкуренција“, се вели во заедничката изјава на шефовите на групите БДА, БДИ, ДИХК и ЗДХ.
По долгогодишни предупредувања од индустријата за растечките структурни предизвици на Германија, „време е да се дејствува“, нагласуваат тие, предупредувајќи на уште предизвици што претстојат откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата.
Германската економија е погодена од високите трошоци за енергија, забавувањето на производството и слабата побарувачка за нејзиниот клучен извоз во Кина и на други места, намалувајќи се во 2024 година втора година по ред.
Здруженијата наведуваат дека дале бројни предлози за поддршка на бизнисот, но „малку се случило“ за време на канцеларот Олаф Шолц, кој ја предводи малцинската влада откако неговата трипартиска коалиција се распадна во ноември.
Во изминатите три години, коалицијата меѓу Социјалдемократите на Шолц, Зелените и либералната ФДП ги „одложи клучните реформи“, обвинија групите.
Ситуацијата е еднаква на „вонредна состојба“, велат здруженијата, кои денеска организираат демонстрации во Берлин, Хамбург и Минхен за да ја нагласат својата порака.
Изборот на Трамп, кој се закани со протекционистички трговски мерки, е „пресвртница“ и предизвик за Европа каде што бизнисите требаше да бидат поконкурентни, велат групите.
„Краткорочното управување со кризи нема да и помогне на Германија… Потребни ни се фундаментални структурни промени во економската и социјалната политика“.