„Она што ни е важно е да обезбедиме транспарентност на целиот процес за да има фер, слободни и демократски избори.Важно е граѓаните да бидат свесни за ставовите на политичките партии, како и за дезинформациите и лажните вести.Нашата цел е да се слушне гласот на граѓаните и да гарантираме безбедно спроведување на изборите“, вели Митко Бојмацалиев, заменик министер за внатрешни работи во Техничката влада на Република Северна Македонија, во интервју за српскиот дневен весник „Данас“.
Како што истакнува, Министерството има голем напредок од 2017 година, а за тоа, вели, била потребна „само политичка волја“.
- Што посебно би истакнале во Вашата работа?
Со нескриена гордост зборувам за периодот 2017-2023 кој во секој поглед беше трансформативен за Министерството за внатрешни работи. Наследството кое беше оставено во таа, би рекол, најзатворена од сите институции, вклучуваше и долг од 40 милиони евра, низок статус на вработените, партизираност, нарушени човекови права, и на граѓаните и на вработените, супстандардни услови за работа на македонската полиција, немање основни предуслови како што се униформи и чевли. Нема да згрешам ако кажам дека не ни требаше многу тоа да се надмине. Беше потребна само политичка волја.
Концептот “МВР за граѓаните” е производ на поранешниот министер Оливер Спасовски, почнувајќи од еден опсежен реформски процес на безбедносниот систем. Нашиот приоритет на стратешко ниво беше департизација, деполитизација и декриминализација. Создавањето на Оперативно техничката Агенција и Агенцијата за национална безбедност беа клучни за заштита на човековите права и слободи и претставува бариера од злоупотреби и нелегални работи, кои во периодот пред тоа беа предводници на политичкото делување во државата, посебно со неовластеното прислушување на 20.000 граѓани. И, токму овие реформи беа преземени со цврста одлучност таа состојба да се надмине и да се зацврстат принципите за владеење на правото, како основа за просперитетот и развојот на правна држава.
Меѓу другото, од 2017 година наваму, Министерството за внатрешни работи спроведе низа значајни реформи и програмски иницијативи, вклучително и инвестирање на преку 17 милиони евра за подобрување на условите за работа преку реконструкција на 82 полициски објекти, зголемување на платите за 35%, исплата на сите бонус плати, и опремување на полицијата со потребните средства, опрема и униформи во вредност од 14 милиони евра. Изградивме два нови, би рекол, клучни објекти – Центарот за заштита на електронските податоци во случај на катастрофа во Прилеп и Форензичка лабораторија во рамки на Одделот за форензички испитувања, најсовремена во регионот. Овие мерки овозможија значителен напредок во современата работа на полицијата и обезбедување на висока безбедност за сите граѓани.
Докажавме и тоа дека концептот „задоволна и мотивирана полиција – безбедни граѓани“ донесе резултати, особено во борбата против илегалната трговија со дрога, организираниот криминал, корупцијата и илегалната миграција, со резултати кои се историски најдобри во последните 30 години. Овие успеси не само што ја обновија довербата на граѓаните во полицијата, туку и ја позиционираа на историски највисоко ниво, сврстувајќи го МВР меѓу три најтранспарентни институции во државата. Особено сме горди што Република Северна Македонија втора година по ред е најбезбедна земја на Западен Балкан според Глобалниот индекс за мир. Секогаш се може и повеќе и подобро, но не се сомневам дека сторивме многу, затоа што работевме исклучиво во интерес на граѓаните и државата.
- Како би ја оцениле целокупната безбедносна состојба во Северна Македонија? Кои полиња би ги издвоиле на кои би требало да се посвети поголемо внимание?
Целокупната безбедносна ситуација во Северна Македонија може да се оцени како стабилна, но постојат одредени предизвици кои бараат континуирано внимание и ангажирање. Во тој контекст, посебно внимание треба да се посвети на областите за борба против организираниот криминал и корупцијата, кои го нарушуваат владеењето на правото, а клучни се за заштита на демократските вредности. Секако, евидентен е напредокот, за што говорат и резултатите според кои Република Северна Македонија е на 76. место на листата на „Транспаренси Интернешнл“ за глобалниот индекс за перцепција на корупцијата, што претставува значителен напредок од 85-то место кое го имаше во 2022 година.
Можам да кажам дека како Министерство само во 2023 година утврдивме над 64 коруптивни злоупотреби, откривме 121 кривични дела со вкупно 178 сторители, кои причиниле материјална штета од над 350 милиони денари (околу 4.800.000 евра). Истражната функција на полицијата во 2021 година е зголемена за дури 50% во делот на борбата против организирал криминал и корупција. Од страна на Одделот за сузбивање на организираниот криминал во временскиот период од 2017 – 2023 година, за време на раководењето на поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, само за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања“ биле поднесени вкупно 44 кривични пријави против 170 физички и две правни лица.
„Од 2017 година наваму, МВР спроведе низа значајни реформи и програмски иницијативи. Инвестиравме преку 17 милиони евра за подобрување на условите за работа, реконструиравме 82 полициски објекти, ги зголемивме платите за 35%, ги исплативме сите бонус плати, и ја опремивме полицијата со потребните средства, опрема и униформи во вредност од 14 милиони евра“
Нашите стратешките партнери, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, ја препознаваат нашата силна посветеност на реформите во судството и на спроведувањето на системски реформи со засилена антикорупциска политика. Нашиот приоритет е да покажеме дека никој не е заштитен со закон, дури ни функционерите од било која власт. Чесноста и интегритетот се нашиот императив и тие мора да победат над корупцијата и сервилноста.
Затоа, на ниво на Влада беше формирано Mеѓуресорско тело за координација на антикорупциски активности и предложен е Закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, во кој се сите директиви и лица, ставени на листата на санкции на САД и Обединетото Кралство, ќе бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавни набавки, да бидат дел од Владата, ниту пак да бидат кандидати за извршување јавни функции.
Секако, за спроведувањето на мерките на овој Закон ќе се користат каналите за меѓународна соработка, пред се со Интерпол, Европол, СЕЛЕК и др., преку кои ќе се овозможи непречен проток на потребните информации во насока на понатамошно обезбедување на докази и спроведување на своите надлежности.
- Кога зборуваме за миграциската криза, каква е таа во Северна Македонија? Дали ги подигнавте или планирате да ги подигнете безбедносните мерки на повисоко ниво по потпишувањето на договорот меѓу Еди Рама и Џорџија Мелони за сместување на мигранти од Италија во Албанија?
Миграцијата е динамичен и сложен процес над кој е тешко да се воспостави контрола, ако не постои соработка меѓу европските држави. Значи, клучни се партнерството и размената на информации помеѓу земјите. После миграциската криза во 2015 година, која се почувствува во светски размери, можам да кажам дека миграцијата е на општествено-политичкиот дневен ред на мноштво земји. Северна Македонија е тразитна земја. Мигрантите доаѓаат преку соседните земји, Бугарија и Грција. Тоа се луѓе главно од ранливите категории на кои им е потребна меѓународна заштита.
Потпишувањето на договорот меѓу премиерот на Албанија, Еди Рама, и премиерката на Италија, Џорџија Мелони, за сместување на мигранти од Италија во Албанија е дел од заедничкиот европски одговор во борбата против илегалната миграција. Тој претставува значаен чекор кон справување со миграциската криза во регионот на еден координиран и хуман начин и, дотолку повеќе, го демонстрира значењето на меѓународната соработка и солидарноста во соочувањето со глобалните предизвици поврзани со миграцијата. И, токму нашите напори како држава и министерство во континуитет се засилена соработка со соседните земји, подобрување на граничната инфраструктура и технологија, како и јакнење на капацитетите за управување со миграцијата.
Имавме слаби капацитети за борбата против оваа појава, но од 2015 година, по низа мерки и активности, успеавме да станеме лидер во борбата против миграцијата на регионално ниво. Тука, од исклучително значење беше потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, европската Агенција за гранична и крајбрежна стража, како прв договор меѓу ЕУ и Северна Македонија, кој е потпишан на македонски јазик, што за нас е од голема важност. Од оперативна точка на гледиште, пак, беше важно да имаме подобра подготовка за контрола на миграциските текови, за да се придонесе кон регионалната и националната безбедност како клучни за вкупната европска безбедност.
Бројот на спречени обиди за илегални преминувања во изминатата 2023 година покажува намален тренд и тоа продолжува со ист интензитет и од почетокот на 2024 година.
Нелегалните движења и избегнувањето на полициските проверки и контроли, често се успешно покритие за криминалните структури кои долж рутата создаваат мрежи на соработници за вршење на разни кривични дела заради што постојано мораме да бидеме внимателсни.
Во периодот од 01 јануари до 29 февруари 2024 година граничната полиција на границите со соседните држави спречи вкупно 1.619 обиди за илегални преминувања. Откриени се 16 случаи на криумчарење мигранти, спречено е криумчарење на вкупно 104 мигранти, а превземени се мерки на кривичен прогон против 14 лица, за сторени 11 кривични дела „криумчарење на мигранти“.
Ќе повторам, успешното управување со миграцијата зависи од заедничката соработка со сите страни – земјите на транзит, земјите на потекло и земјите на дестинација.
Сепак, ние сме подготвени да ги адаптираме нашите активности и да ја засилиме соработката со сите страни – со земјите на транзит, земјите на потекло и земјите што се одредиште на мигрантите. Подготвени сме да ги прилагодиме нашите активности и да ја зајакнеме соработката со соседните земји, агенциите на Европската унија и на Обединетите нации, Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД), но и бројните меѓународни и регионални платформи, иницијативи и процеси, како што се Салцбуршкиот, Будимпештанскиот и Прашкиот процес, Заедничка координативна платформа, ДЦАФ Програмата за безбедност на границите… Нашата цел посебно во областа на враќање и реадмисија е да покренеме спогодби за реадмисија со други земји на потекло во Азија и Африка, но и да ги реафирмираме постојните иницијативи за склучување договори.
- Каква е, според Вашето мислење, безбедносната состојба во регионот?
Безбедносната состојба во регионот е сложена, бидејќи регионот е, иако динамичен, сепак чувствителен. Како држави се соочуваме со заеднички предизвици како што се транснационалниот криминал и дејствувањето на организирани криминални групи, кои главно делуваат во областа на недозволената трговција со дрога и оружје. Тука би ги издвоил двете успешни меѓународни акции – едната во Грција, втората со Албанија, која ја работевме преку СЕЛЕК – заедничка иницијатива за борба против организиран криминал во Југоисточна Европа. Во грчко пристаниште, во заедничка акција со грчката полиција, запленети се над 100 килограми кокаин, и во Албанија над 130 килограни кокаин, двете по информации добиени од македонските полицајци. Многу меѓународни канали се прекинати и запленета е огромна количина на оружје.
Можам да кажам дека нашите служби работат во континуитет. Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, заедно со Министерството за внатрешни работи се во постојана комуникација за да се сочуваат стабилноста и безбеднста, а со тоа и да влијаеме на регионално ниво. Појавите како што се насилниот екстремизам, радикализацијата, посебно кај младите, и тероризмот, се појави со кои службите за безбедност во успешно се справуваат.
Апсолутно, и поддршката од меѓународната заедница и интеграцијата во евроатлантските структури исто така играат клучна улога во зајакнувањето на безбедносната архитектура на регионот. Важно е да го промовираме дијалогот меѓу земјите како клучен за одржување на мирот и стабилноста. Секако, Северна Македонија, како членка на НАТО, е во редовна координација со Алијансата и со сојузниците во врска со активностите кои се преземаат за јакнење на безбедноста во евроатлантскиот простор.
- На Северна Македонија и претстојат избори. Според Ваше мислење, дали постои влијание на земји од регионот врз Вашата земја, пред се од Србија?
Главниот приоритет на оваа моментно техничка Влада е спроведувањето на фер, слободни и демократски избори. Впрочем, јас сум дел токму од оваа Влада како дополнителен заменик министер за внатрешни работи, согласно таканаречениот Пржински договор, како решение за општества во кои политиката има силно влијание во институциите. Токму со техничката Влада се прави баланс помеѓу влијанието на политичките партии, и затоа се одбрани министерства кои во суштина имаат широк допир со јавноста и кои можат да влијаат во одредени избори. Значи, во предизборниот период постои потенцијал за влијание и од страна на земјите од регионот. Ова влијание може да се манифестира преку медиумска пропаганда за поддршка на одредени политички актери. Но, она што нам ни е важно е да осигураме транспарентност во целиот процес за да имаме фер, слободни и демократски избори.
Важно е граѓаните да бидат свесни за ставовите на политичките партии, како и за дезинформациите и лажните вести. Наша цел е да се слушне гласот на граѓаните и да гарантираме безбедно спроведување на изборите. Со организацијата на локалните избори во 2017 и 2021 година, референдумот во 2018 година, претседателските избори во 2019 година, и парламентарните избори во 2020 година, ние како држава поставивме стандарди кои не смее да бидат напуштени и од кои не смее да се отстапи. На сите досегашни средби со амбасадорите во Северна Македонија ја потенцирав важноста од организањето на изборен процес по европски принципи. За таа цел, соработуваме со Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, со домашни и меѓународни набљудувачи, како и со други институции вклучени во изборниот процес, со што ја гарантираме непходната координација за исполнување на законските и демократските стандарди.
(Фото: МВР на Република Северна Македонија)