Мицкоски: „Овие избори се пресвртот!“

„Слушни ме Марко што ќе ти речам. Од првиот ден да се зафатиш со реализација на ветеното пред граѓаните. Првите проекти да не ти бидат минорни и безначајни, туку да се зафатиш со најважните и најголемите. Нема повеќе време за губење. Денес Велес е во опасен застој. Локалната и Централната власт во целост го запостави развојот на градот. А општината како и да нема градоначалник. Затоа Марко, очекувам да се бориш за Велес, силно да лобираш за големи проекти за Велес, за секоја потреба на велешани силно да инсистираш да се реши. Народот мора да биде заштитен од својот градоначалник и да знае дека има човек од кој може да побара помош
во секое време и за секое прашање. Заедно ќе се бориме Марко, а Велес го чекаат подобри времиња“, истакна вчера лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на митинг во Велес, обраќајќи им се на велешани и лично на нивниот кандидат за градоначалник на тој град, Марко Колев.

Тој во говорот во, како што го нарече, градот тврдина на културата и традицијата, срцето на нашата Македонија, првенецот во преродбата и во востанијата, и град со своја душа и племенита пркост, градот на големиот Рацин, местото каде се уште со особена почит се говори за Брашнаров и се раскажува за Миле Поп Јорданов и се пренесуваат пораките на Рајко Жинзифов, градот на гемиџиите, посочи дека луѓето се изгорени од политиката затоа што владејачката гарнитура ја направија арена на нечесни и задкулисни игри, на неспособност и црни пари кои завршуваат кај новопечени богаташи кои не се, а за жал се преставуваат за некаква елита.

„Овие избори се пресвртот каде треба да биде победена оваа реалност и да се сврти еден нов лист за нов почеток, не само во Велес, туку и низ цела Македонија“, рече Мицкоски.

И, пак, акцинтот го стави на кандидатот за прв човек на Велес на престојните локални избори.

„Марко заборави на твојата канцеларија. Кожната фотелја не смее да биде местото за одмор на функционерите, како што е сега. Твоето место е низ населените места, улиците, маалата, парковите, меѓу народот. Да решиш што е можно повеќе проблеми. Не како што е сега. Салонските и хотелски политики какви сега гледаме од власта се добри само за нивните џебови, но лоши се за народот. Градоначалниците прераснаа во локални богови, недостапни за народот. Ќе ги видиш на скапи спотови, но меѓу народот се само кога минуваат со службените автомобили кои се скапо платени од народот. На тоа мора да се стави крај“, дециден беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.