Могерини: Договорот од Преспа е пример за други нерешени спорови во регионот

Поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини од Форумот во Охрид посочи дека Договорот од Преспа, во чие постигнување таа беше лично активно вклучена, претставува инспирација за надминување на остананатите нерешени спорови во регионот.

Могерини е убедена дека Преспанскиот договор останува не само за неа, туку и за сите колеги од ЕУ и за евроатлантската заедница вистинско решение и пример.

„Договорот покажа дека ниту еден проблем не е нерешлив, за секое прашање, дека секој спор има решение. За тоа се бара лидерство, храброст, решителност и почит, што е потребно во голема мера во овие времиења и да се гледа напред и да се вложува повеќе за начинот, на кој можете да обезбедите одржлив пат за вашиот народ. Договорите се секогаш тешки, но можни, а Преспа е одличен пример од регионот дека Балканот може да испорачаат резултати и со поддршка на ЕУ и меѓународната заедница можат да се случат невозможни нешта“, рече Могерини.

Таа нагласи дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и оти не станува збор за процес на проширување, туку пред се за процес на обединување на Европа.

Џорџ Робертсон, поранешниот генерален секретар на НАТО, смета дека ниту Договорот од Преспа ниту Охридскиот договор не се доведени во прашање, туку претставуваат како храброста и калкулираната интеревенција можат да донесат победи.

„Заев и Ципрас демонстрираа огромна политичка храброст донесувајќи одлука што ќе ги отвори вратите на НАТО и да ја предвижи државата кон европските текови. Европското членство е на дофат, тоа ќе се случи“, рече Робертсон.

Кога станува збор за Охридскиот рамковен договор, Робертсон ја искористи можноста пред учесниците на Форумот да ја истакне храброста на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, како човек што непријателите го нарекувале предавник што ја распродава земјата, а чиј придонес е огромен во надминувањето на
кризата и воениот конфликт.

Јоханес Хан, поранешниот комесар на ЕУ за проширување, од говорницата во Охрид истакна дека Македонија служи како пример како договор по договор, чекор по чекор се остваруваат целите.

„Ќе биде потребно време, трнлив е патот до успехот, но сметам дека иако тој е кривулест и не секогаш се знае што се крие зад аголот, на крајот на краиштата ќе ги отстраниме сите камења од него“

 Јоханес Хан

 

За Договорот од Преспа тој рече дека е фантастичен пример како се решават спорови, демонстрација на решителност и визија на лидерите на двете држави.

„Тоа беше важен сигнал за Регионот дека правичен компромис е возможен. Во многу преговори водени во регионот сум искусил чувство на постоење дијаметрално спротивни црно-бели позиции, поделби на победници или губитници. Но, во реалниот живот и особено како суштинско нешто кај демократиите е дека моѓе да се постигне правична зделка, пример што препознава само победници“, истакна Хан.

Тој изрази жалење што за миг е изгубен моментумот, динамиката на процесите што водат кон напредок на регионот.

„Можам да го разберам вашето разочарување, честопати сум имал слични чувства. Знам дека европјаните не сме лесни за соработка, но ние не сме лесни за соработка и меѓусебно, така што верувам дека на крајот на краиштата ќе дојдеме до резултати. Не би сакал од вас повторно да барам да демонстрирате трпение, тоа сте го направиле толку многу пати. Но, треба да се остане истраен на она што сме го започнале, она што сме го започнале ќе го испорачаме. Откако Северна Македонија ќе ги започне преговорите, верувам дека ќе биде она што беше во 2004, најдобриот ученик во класот од регионот“, рече Хан.