Молинаро од СЗО: Авиопревозниците повеќекратно ја кренаа цената на сувиот мраз и медицинската опрема

– Некои авиопревозници пред божиќните и новогодишните празници бараат досега „невидени“ износи за транспорт на сув мраз и друга медицинска опрема, но капацитетите треба да се зголемат во 2021 година, кога се очекува да почне вакцинацијата против Ковид-19, изјави Пол Молинаро, раководител на Одделот за поддршка и логистика при Светската здравствена организација.

– Дистрибуцијата на вакцината во земјите со среден и низок приход, што ќе биде потешко изводлива, може да се потпре на чартер-летовите, изјави Молинаро за британските медиуми.

Инфлација на цените е сè почеста карактеристика во авиотранспортот, особено од ноември, рече Молинаро.

Тој посочи дека некои компании кои превезуваат сув мраз, што е потребен за ладење некои лабораториски реагенси, бараат 20 пати поголема сума од вообичаената.

Молинаро кажа дека различни фактори придонеле за зголемувањето на цената, вклучително и поголемата побарувачка во електронската трговија пред божиќните празници, што многу луѓе ќе го поминат во своите домови поради мерките за карантин. Меѓутоа, тој додаде дека постојниот капацитет може да се зголеми до јануари.

– СЗО се надева дека половина од милијардите дози од вакцините против Ковид-19 ќе бидат достапни за дистрибуција, според програмата Ковакс, во првиот квартал од следната година, рече Молинаро.

Тој додаде дека СЗО може да помогне во доставувањето вакцини во рамките на програмата Ковакс во жариштата, како Сомалија или Јемен, или во земјите погодени од санкциите, како што се Иран и Северна Кореја.