„МОЛ“ купува повеќе од 400 „бензински“ во Полска

LinkSense.mk

Унгарската групација за нафта и гас „МОЛ“ објави дека од „Лотос“ и „ПКН Орлен“ ќе купи повеќе од 400 бензински станици во Полска, со што ќе го отвори патот за проширување на бизнисот на големиот источноевропски пазар.

ПКН Орлен“ е водечка нафтена компанија во Полска, а во 2018 година објави дека планира да го преземе помалиот конкурент „Лотус“. Европската комисија го услови зеленото светло за трансакцијата со продажба на дел од имотот на „Лотус“ за да се заштити рамноправно пазарно натпреварување.

Договорено е „МОЛ“ да ги купи 417-те „бензински“ на „Лотус“ за 610 милиони долари, а „ПКН Орлен“ за своите 185 станици во Унгарија и Словачка би добила 259 милиони долари.

Од унгарската компанија посочуваат дека со ова се подготвува терен за пробив меѓу трите водечки компании на полскиот пазар на мало со гориво.

Инвестицијата ќе ни осигура пристап до најголемата економија во Централна и Источна Европа и до речиси 40 милиони потенцијални купувачи на нашите производи и услуги“, истакнува во соопштението на унгарската компанија објавено во средата, Золт Хернади, претседател на Управниот одбор и извршен директор во „МОЛ груп“.

По најновата аквизиција, „МОЛ“ ќе има вкупно 2.390 бензински станици, надминувајќи ја целта според која до 2025 година требаше да ја прошират малопродажната мрежа во Централна и Источна Европа на 2.200.

Тие неодамна од австриската фирна „ОМВ“ купија 120 објекти во Словенија, а отворија и 95 нови малопродажни места во Словачка и во матичната Унгарија.

ПКН Орлен“, пак, од друга страна, го нагласува проширувањето на пазарите во Словачка и Унгарија.

Договорот со ‘МОЛ’ директно ќе ги унапреди нашите планови за географско проширување преку зајакнување на малопродажниот синџир во Словачка, но и со влез на, за нас, новиот унгарски пазар“, изјави Даниел Обајтек, извршен директор на полската компанија.

Трансакцијата сега треба да биде одобрена од Европската комисија.