Учебниците за најмалите основци се за една употреба, другите ќе се користат пет години

LinkSense.mk

Министерството за образовани и наука информира дека согласно Законот за учебници во основното и средното образование, сите учебници можат да се користат најмногу до 5 години, со исклучок на оние за прво, второ и трето одделение, како и одредени учебници од повисоките одделенија во кои има содржини што ученикот ги пополнува со пишување, боење, сечење и лепење кои се користат еднократно.

Учебниците и сите други наставни материјали кои ги обезбедуваат надлежните институции од областа на образованието предводени од МОН и кои се изготвени врз основа на наставните програми, имаат за цел првенствено да им помогнат на учениците во совладувањето на наставната материја и стекнувањето на применливи знаења преку учење со разбирање, но и да ги стимулираат нивната креативност и критичко размислување.

За постигнување на овие цели, неопходна е целосна реализација на наставните програми, а кои меѓудругото предвидуваат и пополнување на содржини во дел од учебниците. Затоа, МОН упатува апел до сите учесници во спроведувањето на воспитно – образовниот процес, да не го ограничуваат користењето на учебниците и пополнувањето на содржините во рамки на истите кои се предвидени за пополнување од страна на учениците.

Нема потреба ниту од печатење на учебниците кои се достапни во електронски формат на www.e-ucebnici.mon.gov.mk. МОН продолжува и во иднина да набавува целосно  нови учебници за најмалите основци и да ги заменува оние од другите одделенија кои поради дотраеност не можат да се користат, информираат од МОН.

 

 

ИЗВОР: МИА