Човек облечен во искината облека оди по улицата, додека од страна го гледа Сенека Скот, кој ретко влегува во овој дел од градот без пиштол. Скот (44) е од тука, од Оукленд, поранешен кандидат за градоначалник, кој секојдневно поминува покрај наркомани и дилери кои хармонично живеат меѓу запалените автомобили и камиони, пишува „Тајмс“.
„Во градот моментално нема закон. Дури и на либералите им е доста од се. Насилството нагло порасна од прогресивните политики за дроги што доведоа до пораст на зависноста од фентанил“, тврди Скот додека го обиколува градот кој можеби е најлевичарскиот во Америка.
Пред неколку недели деца беа фатени во вкрстен оган, фирмите се мета на разбојници, а жените не се чувствуваат безбедно по бројните напади на улиците во градот.
Дури и судија беше цел на напад во кој со закана со пиштол му беше одземен неговиот скап часовник „Ролекс“, на само неколку метри од главната зграда на судот во Оукленд.
„Политичарите не сакаат да ги отстранат дивите живеалишта, кои се засолниште за зависниците, заради тоа што веруваат дека луѓето имаат право да живеат каде што сакаат.Тоа е дел од либералниот (слободарски) став на Калифорнија кон социјалните проблеми, заради кој делови од градот се под контрола на зависници“, вели Скот.

Минатата година, три калифорниски градови, Оукленд, Сан Франциско и Лос Анџелес, ги блокираа предлозите за поставување на надгледувани места за инјектирање дрога каде зависниците ќе можат да примаат супстанции под медицински надзор, без страв од предозирање и инфекции.
Таква одлука донесе гувернерот на државата, Гевин Њусом.
Голем дел од вината за растечката стапка на криминал е ставен на грбот на Памела Прајс, адвокатка за граѓански права, која минатата година беше избрана за окружен обвинител на округот Аламеда, кој го вклучува и Оукленд.
Прајс се води од премисата дека добриот обвинител не треба да се залага за „вечен статус кво“ и ги поддржува судските насоки кои ги фаворизираат условните казни и поблагото казнување на криминалците.
Нејзиниот мандат се покажа како хаотичен. Во Обвинителството се поднесени бројни оставки поради тврдењата дека таа е на страната на криминалците наместо на жртвите.
Често бара драстично полесни казни, на пример сакала на обвинет за тројно убиство да му се понуди можност за спогодба, со што би бил осуден на само 15 години затвор.
Судијата, меѓутоа, ја отфрли таа можност.
Прајс ги игнорираше сите критики што ги доби за нејзиниот пристап, тврдејќи дека е мотивиран од расизам заради тоа што таа е црнкиња.

„Две деца ме претепаа пред куќата во понеделникот вечерта. Ме удираа со тупаници и клоци и ме влечеа по улица“, рекла жена на средба со политичарите.
Од почетокот на годинава пријавени се 2.947 кривични дела, кои вклучуваат убиства, тешки напади, силувања и грабежи, што претставува пораст за 6 отсто во однос на истиот период лани.
Грабежите се зголемени за 13 отсто, силувањата за 23 отсто, а кражбите на моторни возила за дури 28 отсто.
Брус Беслеј, светски познатиот апстрактен експресионистички скулптор, го посвети својот живот на подобрување на областа работејќи на воведување на улични светла и тротоари во населба со доминантна црнечко население.
Во 1960-тите тој беше горд член на крајната левица, но сега е погоден од хаосот што го предизвикуваат супер-либералите, како што ги нарекува.
„Никој не се грижи дали оваа политика ќе профункционира, тие се водат само од идеологијата. Таквата политика е нереална и предизвикува голема штета, но ним им се чини дека е исправна“, рече скулпторот, чии молби за повеќе полициски патроли и улични светилки за да се зачува населбата безбедна, останаа нереализирани.
„Повеќе од 60 години, колку што сум овде, никогаш слушнав пукотници во овој блок. Сега имавме отворени престрелки – не само повремени пукања, туку луѓе кои пукаат едни на други на улица со куршуми кои ги погодуваат куќите“, очајно заклучува тој.








