Мртво море се повлекува, се појавуваат чудни кратери

LinkSense.mk

Спектакуларното Мртво море меѓу Израел, окупираниот Западен брег и Јордан, загуби една третина од својата површина од 1960 година, а повлекувањето на водата зад себе остава месечев пејсаж, замја бела од солта избушена со големи кратери.

Во златното време во шеесетите години, во прекрасното место Ајн Геди посетителите можеа да се капат во базени со загреана вода, а после тоа да скокнат во Мртво море. Денес тоа е минато.

Како што се повлекува водата, зад себе остава наслаги со подземна сол. Кога врне, слатката вода влегува во тлото и ја разложува солта, па бидејќи нема потпора, земјата се урива и формира кратери.

Итај Гавриели, директор на Геолошкиот институт во Израел, вели дека кратерите, кои се „единствени и чудесни“, се вистинска последица од исушувањето на морето заради девијациите на реката Јордан и се поголемата експлоатација на минерали.

Денес Мртвото море прима само 10 отсто вода во однос на претходниот период затоа што Израел и Јордан имаат зголемени потреби за вода за пиење и наводнување.

Патем, на исушувањето на Мртвото море придонесува и затоплувањето па, на пример, во јули оваа година во Содома, југозападно од морето, беа измерени 49,9 степени Целзиусови.

Гидон Бромберг, израелски директор на невладината организација „Екопис“, објаснува дека тие кратери се „освета на природата“ на човекот заради „недопуштеното делување“.

„Нема да успееме да го вратиме Мртво море во претходната состојба, но сакаме нивото на вода барем да се стабилизира“, вели Бромберг.

Неговата организација собира јордански, палестински и израелски професори и заговара зголемување на десалинизација на Средоземното море за да се растерети Галилејското езеро и реката Јордан која се влева во Мртво море за да може во тој случај да донесува повеќе вода.

„Екопис“ сака индустријата да го понесе својот дел од одговорноста со плаќање на поголеми даноци.

Јорданското Министерство за вода смета дека решение треба да се бара на меѓународно ниво и дека меѓународната јавност треба повеќе да се запознае со проблемот на Мртвото море.

Во јуни Јордан, една од државите која има најголем недостаток на вода, се откажа од изградба на канал кој би ги поврзувал Црвеното и Мртвото море, а требало да го изведе во соработка со Израел и Палестинците. Наместо тој канал, јорданските власти одлучија да изградат фабрика за десоленизација за да ги зголемат резервите со питка вода.

„Но, дури и да е изграден каналот, тој не би можел да го спаси морето“, вели Еран Халфи, хидролог од Научниот институт Арава.

Халфи смета дека на Мртвото море му недостасуваат милијарда метри кубни вода на година, а дека каналот би можел да „донесе“ само 200 милиони кубни метри.

Научниците сметаат дека повлекувањето на Мртво море е неизбежно во следните стотина години и дека кратерите ќе продолжат да се шират. Но после тоа морето би можело да се врати во рамнотежа затоа што како ќе се намалува неговата површина, водата ќе станува се посолена и испарувањето ќе забави.

Таквата иднина во која „морето еден ден ќе ја врати рамнотежата“, Алисон Рон од Ајн Геди ја отфрла и го обвинува човекот затоа што си играл со природата и заклучува: „Треба да се срамиме што дозволивме ова да се случи“.