Набавка на вакцини против Ковид-19 преку повеќе инструменти

– Лекарите, односно медицинскиот персонал, се првата категорија граѓани кои ќе ја примат вакцината против Ковид-19, во време кога таа ќе биде достапна во здравствените институции. Став на Владата е дека по нив на ред ќе бидат хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и другите на приоритетната листа.

Преговорите за директна набавка на вакцината против Ковид-19, како што истакнаа вчера од Владата, се во тек. Тие посочија дека не чекаат само на донаци, туку ги користат сите инструменти за навреме да се набават вакцините. Според најавите, досега се обезбедени вакцини за околу 400.000 граѓани кои е предвидено да пристигнат во првите месеци на 2021 година. Освен сопствениот ангажман за набавка на вакцините против коронавирусот, Северна Македонија, доби ветување од соседните држави Бугари и Грција кои се дел од ЕУ, дека ќе и бидат доделени вакцини во вид на донација. Но, не е прецизирано кога тоа ќе се случи.

Изминатиот период според дневните статистики објавени од Министерството за здравство (МЗ) може да се види намалување на бројот на новозаразени. Но, и понатаму најголемиот број на новозаразени и активни случаи е во Скопје.

Последните бројки на новозаразени и оздравени беа скоро изедначени, односно од 2510 направени тестови вчера позитивни биле 627 лица, додека во исто време како оздравени се регистрирани 644 пациенти. Од новозаболените 250 се од Скопје по што следат Куманово  со 36,Прилеп-35, Кавадарци-31, Велес и Битола по 25, Гостивар -24, Струмица -23, Тетово и Охрид по 21, Кочани 20, …. Како последица од Ковид-19 според МЗ вчера починаа 14 лица.

Фактот дека во последната недела има намалување на трендот на ново заразени пациенти од Ковид-19, вчера го потврди и директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ, која истакна дека бројките објавени од Институтот за јавно здравје се совпаѓаат со дневната фреквенција на амбулантски прегледи која што за 20 до 30 посто е намалена од предходната недела.

– Она што покажува на лесно намалување на бројките е фактот што скоро 17 посто е намален бројот на ново откриени пациенти со Ковид-19 во изминатата недела. Исто и денешните бројките зборуваат за намалување на процентот на позитивни во однос на тестираните за 25 посто. Тоа е нешто што вистина влева надеж. Од клинички гледан аспект не може да зборуваме дека бројките на клиниката се намалени, затоа што капацитети уште се скоро исполнети, изјави Стевановиќ.

Во ковид-центрите низ Скопје, според вчерашните податоци на Министерството за здравство, се хоспитализирани 476 лица сомнителни и потврдени со Ковид -19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 79815, бројката на оздравени пациенти е 56743, на починати е 2354, а бројот на активни случаи изнесува 20718.