Намален бројот на новозаболени и починати од Ковид-19, следните две три недели клучни

Намален е бројот на новодијагностицирани и починати, како и на процентот на позитивни од тестирани за Ковид-19 во периодот од 14 до 20 месецов споредено со претходната недела, покажуваат податоците од вчера објавениот неделен извештај на Институтот за јавно здравје. Тоа, посочуваат оттаму, е тренд во изминатите три недели.

Во тој период се пријавени 159 смртни случаи од 25 града, што е намалување од 8,6 проценти во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 131 лице биле над 60 години, 17 од 50-59 години, осум смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години, а три случаи од возрасната група од 30-39 години.

Регистрирани сe 4.585 нови позитивни случаи од 35 градови во државата што е намалување од 16,9 проценти во однос на минатата недела. Процентот на позитивни од тестирани случаи на Ковид-19 изнесува 29,3 проценти, што е намалување од 5,5 проценти  во однос на минатата недела.

Трендот на стивнување на епидемијата продолжи и вчера. Во претходното деноноќие беа регистрирани 758 нови случаи од направени 2562 тестирања, 26 лица починати, од кои најмладиот 42-годишник од Скопје. Институтот за јавно здравје регистрира 944 оздравени пациенти.

Минатата недела, од 14 до 20 декември, ИЈЗ регистрирал 4.513 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е 15,1  процент помалку во споредба со минатата недела.

За намалување на притисокот врз болниците говорат и вчерашните податоци за хоспитализирани. На инфективните одделенија низ земјава се лекуваат 1145 пациенти со Ковид-19 и има околу 290 празни болнички кревети во ковид – центрите. Во изминатите 24 часа во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 664 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, а во главниот град 482 лица.

Најмногу хоспитализирани и натаму има на Клиниката за инфективни болести, каде што лежат 147 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 104 болни, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациент. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Во Скопје вчера имаше околу 40 – тина слободни места. Пред пет дена во Скопје имаше само 20-тина слободни кревети.

Стишување на епидемијата со коронавирусот вчера констатира и министерот за здравство Венко Филипче.

– Се намалува бројот на пациенти кои се јавуваат за тестирање, што значи дека се намалува и бројот на пациенти. Доказ за тоа е се поголемиот број слободни термини и слободните болнички кревети и намалување на бројот на кревети во болничките установи, нешто што се констатираше во сите болнички установи, поточно во нивните амбуланти посебно во последната недела, рече Филипче.

Филипче нагласи дека цело време ги следат сите индикатори, како тестирање, хоспитализации, прегледи во болниците. Сето тоа, како што рече, укажува на тоа дека на некој начин епидемијата стивнува.

Во меѓувреме, Министерството за здравство се обидува да обезбеди вакцина против Ковид-19. Во таа насока, вчера министерот Филипче беше во посета на Бугарија, каде доби ветување за донација, но откако ќе бидат обезбедени за бугарските граѓани. Во овој момент, бугарската Влада не знае кога ќе стигнат првите големи количини.

– Во втората половина на 2021 година ќе може да стигнат и вакцините од „Фајзер“, изјави Филипче.

Покрај Бугарија која на овој начин даде поддршка, таква најава има и од Грција и од Полска.

Вакцината против Ковид-19 ќе дејствува и врз мутацијата на вирусот кој се појави во Велика Британија.

– Многу пати до сега во нашите лаборатории во МАНУ има констатирано мали мутации на вирусот. Мутацијата во Велика Британија е практично мутација во повеќе делови на структурата на вирусот, но тоа нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината, изјави министерот Филипче.

Тој појасни дека според одредени шпекулации, мутација во повеќе делови во структурата на вирусот,  повеќе ја зголемува трансмисијата на вирусот, бидејќи посилно се врзува за клетката домаќин.

Сепак, според неговите сознанија, тоа воопшто нема никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината.

Со цел поголема внимателност, Филипче потсети дека завчера се забранија летовите со Велика Британија.

Додека се чека вакцината, апел од министерот дека во следните две до три недели сите треба да бидеме крајно внимателни.

– Имаме многу тешка година зад нас и искрено верувам дека следната ќе биде многу подобра. Во вакви услови кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира да не направиме ништо таа да се влоши. Апелирам да се празнува одговорно во кругот на семејството без групирање со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки. Се покажа дека досегашните протоколи и мерки беа добро осмислени и домензионирани и го дадоа резултатот како што се очекуваше. Тие се димензионирани така да не се спречи слободното движење и работа, имајќи предвид колку е сето тоа тешко за сите нас, рече Филипче.

На предлог на Министерството за здравство, Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата за вакцинацијата против коронавирусот, и задолжи неколку институции да изготват акциски планови и стандардни оперативни процедури за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19.

Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од 7 (седум) работни дена да изготват и до Министерството за здравство да достават сопствени акциски планови (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против КОВИД-19, согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против КОВИД-19.

Покрај ова, вчера Владата ги прифати предлозите на Министерството за одбрана и на Министерството за труд и социјална помош за исплата на еднократна парична награда на медицинските работници од Министерството за одбрана, кои се вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19, како и на вработените од Специјалниот завод за лица со попреченост во Демир Капија, кои во грижата за штитениците во заводот неколку недели беа вон своите домови.

По однос на мерката за носење лична заштита на лице, вчера беа регистрирани 572 прекршоци.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19.