Намален бројот на тестирања, на позитивни случаи и на починати во изминатата недела

– За 17,9 отсто е помал бројот на тестирани на коронавирус од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021 во однос на претходната недела. Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во наведениот период биле тестирани 10 778 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Регистрирани биле 2329 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со намалување од 30,9 проценти во однос на претходната недела.

– Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.086; 46,6%), со неделна инциденца – 175,8/100.000. Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 21,6 отсто, намалување од 4,1 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=688, 29,5%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50 до 59 години (n=440; 18,9%), 40-49 (n=404; 17,3%), 30-39 (n=392; 16,8%) и 20-29 (n=263; 11,3%).

Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 години (n=38; 1,6%) и 10-19 години (n=104; 4,5%), соопшти Министерство за здравство. По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, за оздравени се водат 3884 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Во овој период биле пријавени 93 смртни случаи од 22 града, со намалување од 27,9 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 77 лицa биле над 60 години, 11 лица на возраст од 50 до 59 години, четири лица на возраст од 40 до 49 години и еден смртен случај е пријавен од возрасната група 30-39 години. Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со КОВИД-19 за периодот од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021, како и кумулативната состојба се објавува на веб-страницата на Институтот: http://iph.mk/