Намалување на невработеноста, повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните, владини приоритети

– Намалување на невработеноста по три проценти годишно, стимулирање на пораст на платите, борба за секое работно место, продолжување на субвенционирањето на придонесите за фирмите и на активните мерки за вработување, поддршка за вработување на младите лица, се само дел од мерките што планира да ги спроведе Владата во овој мандат во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Владината цел во овој мандат е да успее да ја намали небработеноста за 3 отсто на годишно ниво. За време на кризата предизвикана од КОВИД-19 велат од Владата, ќе се бориме за секое работно место преку обезбедување на 2 милијарди денари секоја година за активните мерки за поддршка на вработување и самовработување, поддршка на секторите кои се најпогодени од кризата предизвикана од епидемијата преку поддршка за зачувување на работните места, како и продолжување на субвенционирањето на придонесите за фирмите што ќе ги зголемат платите на своите вработени од 600 до 6.000 денари.

Ќе се доуреди сезонската работа, во насока на зголемување на периодот на сезонска работа, како и поголема договорна слобода, односно можност работодавачот да плаќа придонеси или надомест за сезонските работници во несезонскиот период

-Ќе воспоставиме ваучер-систем за плаќање на социјалните придонеси за сезонските работници, со што директно ќе влијаеме за намалување на сивата економија и заштита на оние “невидливи вработени” кои извршуваат работи, а не можат да остварат никакви бенефити ниту каква било законска заштита, се наведува во програмата на Владата за следниот четири годишен мандат.

Во јавниот сектор ќе се укине можноста за работа по наполнети 64 години возраст, освен за дефицитарни кадри (како на пример здравствените работници и професорскиот кадар на Универзитетите).

На тој начин, сметаат од Владата, ќе се отворат повеќе шанси за младите за работа во јавниот сектор, но и намалување на администрацијата во ресорите каде нема потреба од зачувување на работното место,

Се планира и да се понуди концепт на флексибилно работно време за петок и можност за намалување на број на работни часови во текот на неделата со цел обезбедување поголем баланс помеѓу професионалниот и семејниот живот.

Владата со мерките и активностите што ги планивра во новиот мандат сака да ја врати довербата на младите во извесна и сигурна иднина во нашата држава, поради што се најавува водење таргетирани политики за зголемување на нивната вработеност.