Весна Николиќ осудена во случајот „Фиком“, која пет дена штрајкува со глад во затворот Идризово, беше посетена од народниот правобранител.
Николиќ, чија здравствена состојба е сериозно нарушена, се жали дека иако ги исполнува сите законски услови да добие предвремен отпуст од затворот, каде што помина веќе 10 години и 2 месеци, или пак помилување, се уште се држи зад решетки.
Гневна на решението од „надлежните“ да се држи в затвор до последен ден, одбива и лекарска помош и посета.
Нејзиното семејство стравува за здравствената состојба на и онака кревката Весна.
„Луѓе што не исполнуваат услови се пуштаат од затвор многу пред истекот на казната, а за ова не сакаат да слушнат. Состојбата и е многу тешка. За три години и беа направени три тешки операции поради рак. Последната и беше направена неодамна. Ова што го прават со Весна е крајно нехумано. Тоа е нечовечки, ѕверски“, велат роднини на Николиќ.
Весна Николиќ е осудена за аферата за продажба на станови „Фиком“ на 10 години затвор, но подоцна доби уште две за, наводно, затајување на данок. Досега одлежа десет години. До крај и остануваат уште помалку од две години







