Пендаровски: Пропагандата и лажните вести се ризик за Балканот

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на виртуелната конференција „Пред иднината – Подготовки за НАТО 2030“ во организација на Атлантскиот клуб во Бугарија, по повод 30-годишнината од неговото основање.

Честитајќи го значајниот јубилеј за организацијата, Пендаровски говореше за придобивките коишто Македонија ги има од членството во НАТО, по две децении кандидатски статус и низа кризи.

 

„Меѓу научените лекции од поновата историја е важноста на раното предупредување, особено денес, кога предизвиците се удвоени и се посложени“, Стево Пендаровски

 

Важно за стабилноста на трансатлантската заедница е кохезијата меѓу партнерите, бидејќи, како што посочи претседателот Пендаровски „ниту еден проблем на Балканот не ќе беше решен во последните три децении, ако не беа синхронизирани САД и Европа“.

Пендаровски се осврна и на неодамна лиферуваните нон-пејпери, во коишто се споменува промена на границите на Западен Балкан.

Според него, ниту една одговорна влада или политичар во Европа нема да ја поддржи оваа опасна идеја, но, посочи, пропагандата од трети страни не е исклучена. Тој потенцираше дека во регионот сè уште има премногу историја која што не држи сите нас на задните седишта во Европа.

„Живееме во 21-от век и мора да размислуваме и да правиме планови за иднината. Балканот во пост-комунизмот изгуби милиони млади луѓе кои заминаа во деловите на светот каде што историјата е присутна во книгите, а не на улиците“, рече Пендаровски во обраќањето на конференцијата.

Илијана Јотова, потпретседателката на Бугарија, во обраќањето на конференцијата истакна дека европската безбедност е многу важен аспект за сите. Таа повика на измени во Лисабонскиот договор во делот на овластувањата на високиот претставник за безбедност и надворешна политика, бидејќи тие, според неа, не биле добро решени.

Заменикот на генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, предупреди на руските активности во Црното Море и ги оцени како предизвик за сите во регионот, потсетувајќи на анексијата на Крим од Русија, што, според него, ја покажа природата на Москва.

 

„Сајбер нападите и кампањите за дезинформирање се најголем предизвик денес, не само за државите, туку и за НАТО. Потребно е заедничко дејствување за да се спречат…“, Мирчеа Џоана

 

На виртуелниот форум ќе се обратат и тројца поранешни генерални секретари на НАТО, Хавиер Солана, Џорџ Робертсон и Јап де Хоп Шефер, како и помошникот државен секретар на САД, Мајкл Марфи.

На конференцијата учествува и поранешниот претседателот на Бугарија, Петар Стојанов, во чие време во 1997 година земјата аплицираше за влез во НАТО.

 

 

(Фото: МИА)