На Германија и требаат илјадници работници

LinkSense.mk

Речиси 34 милиони луѓе во Германија се во регуларен работен однос. Тоа е нов рекорд. Но, истовремено и понатаму расте бројот на непотполнети работни места. Годините со висок наталитет се веќе минато, а заради негативниот демографски развој, се е помал бројот на работници. Се повеќе фирми се жалат на недостаток на стручна работна сила. За германската економија тоа е еден од најголемите деловни ризици, пишува Дојче Веле.

Колку е состојбата сериозна, покажуваат најновото испитување на јавното мислење кое по налог на фондацијата „Бертелсман“ го спроведе институтот Цивеј. Од 7.500 анкетирани претприемачи, 66 отсто навеле дека не можат да пронајдат доволно стручни работници. Минатата година 55 отсто изјавиле дека се соочуваат со проблеми при пополнување на работните места.

Од година во година е се потешко

Состојбата не е иста во сите дејности, регии, занимања и квалификации. Ако фирмите кои имаат недостаток на работна сила ги прашате што точно им недостасува, речиси секоја втора наведува лица со завршено средношколска стручна подготовка. Академски образувани недостасуваат во секоја четврта фирма. Со оглед на дејноста, недостаток на стручна работна сила посебно ги погодува негата на стари и немоќни лица и здравството.

Факт е: во Германија недостасува работна сила“, предупреди во август Детлеф Шел, претседател на управниот одбор на Сојузната агенција за вработување. „Од негователи, преку одржување на климатизација до логистика и факултетски образувани. Секаде ќе недостасува стручна работна сила“. Според неговите податоци, на Германија и требаат 400.000 доселеници годишно за да ги задоволи потребите на пазарот на трудот.

Но, во пракса досега доселувањето на странска работна сила играше мала улога. Само 16 отсто од испитаниците од студијата на Фондацијата „Бертелсман“ наведоа дека работна сила бараат во странство. Повеќето со посебно атрактивни понуди се обидуваат да привлечат домашни вработени.

Јазикот е најголема препрека

Од 1 март 2020 година во Германија е на сила закон кој би требало да го олесни доаѓањето на стручна работна сила од земјите кои не се членки на Европската унија. Сепак, и покрај тоа, многу работодавачи се срамат да побараат работници во странство. Причините се различни. Како главна причина фирмите го наведуваат стравот од потешкотии при разбирањето и проблем со проценка на квалификацијата на работниците со странско уверение за работа.

Слични се одговорите и на оние фирми кои веќе вработиле странски работници. Тоа покажува дека некои стравувања и не се баш неоправдани, да речеме што се однесува со разбирањето со странците. Од друга страна, бирократските препреки се во пракса очигледно помал проблем отколку што на прв поглед се чини.

Препреките се се’ помали

Фондацијата „Бертелсман“ претпоставува дека политичките напори околу доселувањето на стручна работна сила вродиле плод. На пример, забрзаните бирократски постапки, поттикнувањето за учење на германски јазик и подобра понуда на информации за признавање на странски квалификации. Сепак…

Препреки за придобивање на странска стручна работна сила и понатаму постојат, и покрај значителниот напредок“, предупредува Матијас Мејер, експерт за миграции од „Бертелсман“.

Дури 67 отсто од учесниците во анкетата поаѓаат од тоа дека во иднина ќе имаат помалку стручна работна сила отколку што им е потребна.

Недостатокот на стручна работна сила е се поголем проблем, а на повидок ннема никакво решение. Нам, како општество, ни требаат одржливи решенија за да излеземе на крај со демографските промени и со социјално-еколошката трансформација“, смета Мејер.

Потребни се транснационални партнерства

Мејер истакнува дека пресудна е доследната примена на Законот за доселување на стручна работна сила. Според неговото мислење, тука спаѓа и поедноставна постапка за признавање на странските уверенија за работа и дипломите. 

Тој вели дека од голема помош би можеле да бидат партнерствата во образованието меѓу Германија и другите земји, кои би можеле да придонесат кон подобро взаемно разбирање меѓу работодавачите и потенцијалните странски работници.

Дури 57 од испитаните фирми оценуваат дека би било корисно склопувањето на повеќе транснационални спогодби за посредување при вработување или образование на стручна работна сила.

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)