На Западот ништо ново: Седница без почеток и крај

Конститутивната седница во Собранието и вчера заврши без избор на членовите на Комисијата за избори и именување.

За третата точка од дневниот ред на седницата која беше прекината на 30 декември лани, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом, се дискутира веќе три дена.

Седницата ќе продолжи денес во 11 часот

Вчерашната дискусија беше со слична тематика како таа пред неа, како понеделничката.

Илија Димоски од ВМРО-ДПМНЕ предложи да изгласаат претседател на Собранието, доколку тој веднаш потпише предвремени избори. Но, пратениците од СДСМ го одбија овој предлог велејќи дека претседателот на државата, Ѓорге Иванов повторно може да не го даде мандатот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го бараа да се објави договорениот закон за јазиците со албанските партии во земјава, додека од СДСМ забележуваа дека треба да се дебатира за составот на Комисијата.

Пратениците од СДСМ посочија дека кога ќе биде ставен на дневен ред Законот за јазиците, тогаш и ќе се дискутира за него, додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа не е почитување на граѓаните кои гласале оти тој текст не бил дел од предизборната кампања.

Кога повторно пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ги повикуваа пратениците да се откажат од албанската декларација, излезе пратеникот Зијадин Села кој ја предаде декларацијата на собраниските служби да ја преведат и да ја достават на пратениците.

„Декларацијата на политичките партии ДУИ, Алијансата за Албанците и движењето Беса, онаа што вие го викате Тиранска платформа, сега ќе ја дадам на собраниските служби да ја преведат и да ви ја дадат за да прекинете да лажете. Подготвен сум да одговорен за секоја точка, за секој детал од декларацијата, било да има интерес од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ. Сепак, мислам дека вашата цел не е да навлезете во суштината на оваа декларација“, рече Села.

Димовски при реплицирање на Села, рече дека албанските партии ако имале добри намери во платформата требало да вметнат две работи.

„Ја видовме сликата од Тирана. Требало прва реченица да биде дека упатувате апел до албанската влада да ја признае Македонија под уставното име. На овој начин таа платформа макар и таму во Тирана ја потпишале, ќе добиеше многу поголема доверба и ќе си подадевме рака“ истакна Димовски.

Села, пак, потоа потсети дека и претходно се среќавале со албанскиот премиер Еди Рама напоменувајќи дека Албанија има добри намера кон Македонија.

„Во 2015-та се сретнавме јас Али Ахмети, Еди Рама, Билал Касами и други во Поградец. Тогаш не ви сметаше што се сретнавме со Рама затоа што бевте на власт со ДУИ. Ако ја немате таа слика тогаш ќе ви ја обезбедам. Албанија ви е соседна држава и ве поддржува, немојте да имате дилема во тоа, и ги има најдобрите намери за никој да не ве блокира како што тоа го прави Грција“, рече Села.

Тој додаде дека има предлог до пратениците – СЈО да стане уставна категорија заедно со специјалниот суд и сите пратеници да се откажат од имунитетот.

По оваа дискусија реагираше пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски.

„Ако продолжиме вака, никаде нема да стигнеме. Од разговорот на координацијата во охридската сала сме се разбирале како глув и нем. Доаѓаме овде, и пак по старо. Секој е слободен стрелец, секој работи на убиство на демокртијата и на правилата. Дајте малку да држиме до себе и да не злоупотребуваме дебата, напомена Спасовски, по што претседавачот Трајко Вељаноски посочи дека во целост се согласува со сугестиите на Спасовски.

Утврдувањето на предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е предуслов за продолжение на конститутивната собраниска седница.

Во Комисијата, според претходно договореното од политичките партии, ВМРО-ДПМНЕ треба да има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и БЕСА по еден член, а претседател да биде Илија Димоски.