На Миконос уапсени тројца македонски државјани – шверцери на дрога

LinkSense.mk

Тројца државјани на Македонија, двајца мажи на возраст од 34 и 35 години и 21-годишна девојка, во средата биле уапсени на грчкиот остров Миконос, заради трговија со дрога.

Од грчката полиција соопштија дека по темелна полициска истрага, било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале со дрога на Миконос“ и меѓу другото биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.

Уапсените биле организирани во криминална група, со конкретни улоги, едниот бил набавувач и имал лидерска улога, останатите биле шверцери, а дрогата на островот ја продавале во мали пакувања до заинтересираните корисници на дрога.

Дополнително бил уапсено уште едно лице, либански државјанин, при обид да се снабди со дрога.

Освен дрогата, грчката полиција кај уапсените пронашла и запленила три мобилни телефони, 2.370 евра, како и мотор со кој ја пренесувале дрогата.

За разбивање на нарко картелот полицајците од Миконос организирале акција, ги следеле движењето на сега веќе уапсените, ги лоцирале и ги уапсиле во моментите кога се селеле во друго сместување, за да и скријат трагите.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ објави дека уапсената девојка е ќерка на политичар од Македонија, меѓутоа не постои потврда на оваа информација.

 

 

 

 

 

(Извор: МИА)