На полноќ истекува рокот за собирање потписи за независни кандидатури на локалните избори

На полноќ завршува рокот за собирање потписи за независни кандидатури за градоначалници и советници за локалните избори закажани на 17 октомври.

За овие избори има голем интерес за собирање потписи за независни кандидатури за неколку општини, а меѓу нив и за главниот град Скопје.

Досега се собрани потписи за 18 независни кандидати за градоначалници, а за уште 15 кандидати продолжува процедурата. Во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија потребните потписите ги собрале и 38 независни групи избирачи за советнички листи, а за 26 се во тек.

Канцелариите на комисијата денеска ќе бидат отворени до 24 часот, кога истекува законскиот рок за собирање потписи.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека Извршниот и Централниот комитет на партијата донеле едногласна одлука да ја поддржат независната кандидатура на актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска за градоначалник на Град
Скопје.

„Цврсто сум убеден дека го имаме идниот градоначалник на Скопје“, нагласи Мицкоски, и при тоа изрази убедување дека Арсовска, која е независен кандидат, ќе победи на претстојните локални избори.

Тој најави дека донеле одлука за уште 10 други градоначалници, кои ќе ги соопштат денеска на прес-конференција.

„Разноликоста на листите е потврда за слободата и демократијата“, изјави
премиерот и претседател на владеачката СДСМ, Зоран Заев.

Според него, СДСМ има одлична соработка со ДУИ, БЕСА и со ДПА, а коалицијата е стабилна и единствена.

„Верувам во голема победа на нашата коалиција, затоа што таа е стабилна и единствена. Имаме одлична соработка со ДУИ, како што имаме и со БЕСА и со ДПА. Поддршката заемно ќе си ја довериме и дадеме, веруваме дека така многу подобро ќе им служиме на граѓаните пред се, зашто сме и централна власт, а заеднишвото пресликано на локално ниво ќе биде капацитет повеќе за полесно да се справиме со
предизвиците и да имплементираме колку што може повеќе проекти во иднина“, истакна Заев.

Во тек е и јавниот увид во Избирачкиот список, што завршува на 9 септември.

Заклучно со 28 август 2021 година, како што соопшти Државната изборна комисија, вкупно 7909 лица се провериле во Избирачкиот список.

До комисијата поднесени се вкупно 17 барања за запишување во Избирачкиот список, 12 барања за бришење на податоците од Избирачкиот список и осум барања за измена на податоците во Избирачкиот список.

Кандидатурите за градоначалници и за советници до Општинските изборни комисии се поднесуваат до 11 септември.

Ова ќе бидат први избори на којшто во земјата ќе се применат терминали за вчитување на отисоци од прсти. Првите 200 терминали се очекува да пристигнат во текот на оваа недела по што ќе почне и едукацијата за нивна примена на изборите.

Локалните избори ќе се одржат со мерки за заштита од Ковид-19.

 

 

 

(Фото: МИА)