На 19 август ќе се гласа за недоверба на Владата на Црна Гора

LinkSense.mk

Претседателката на црногорското Собрание, Данијела Ѓуровиќ на 19 август закажа вонредна седница на која ќе се гласа недоверба на Владата.

Пет опозициски партии во Црна Гора предводени од Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ вчера до Собранието поднесоа барање за гласање недоверба на Владата на Дритан Абазовиќ, по потпишувањето на Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ).

Покрај ДПС, на предлогот се приклучија и Социјалдемократската партија (СДП), Либералната партија (ЛП), Социјалдемократската партија (СД) и Демократската унија на Албанците (ДУА) со вкупно 36 пратеници.

Црногорското Собрание има 80 пратеници, и за изгласување недоверба на владата на Абазовиќ потребни се 41 глас.

На таа група партии ќе и треба поддршка од најмалку уште пет пратеници за да биде прифатена нивната иницијатива.

Како причина за поднесување предлог за недоверба на Владата, тие во заедничкото соопштение го наведуваат „недостатокот на резултати на Владата во однос на спроведувањето на оние приоритети што беа утврдени при нејзиниот избор, а кои се однесуваат на реформите во судскиот систем, зајакнување на системот на владеење на правото, интензивирање на процесот на европска интеграција, консолидација на економската политика во земјата и реорганизација на здравствениот систем во услови на тековната пандемија со Ковид-19“.

 

 

МИА