НЕВЕРОЈАТНИОТ СРБИН ВЛЕЗЕ ВО ТЕНИСКАТА ИСТОРИЈА: Ноле низ драмата до победа над Руне во Торино и нов подвиг

LinkSense.mk

Новак Ѓоковиќ после голема борба го совлада Холгер Руне на стартот на завршниот Мастерс кој се одржува во Торино, а конечниот резултат од 7:6, 6:7 и 6:3 не само што го поттурна Ноле во полуфиналето туку и го сврсти меѓу тениските бесмртници.

Србинот е таму долго време кога се работи за бројните рекорди, но оваа победа уште сега му овозможи, без разлика што ќе направат тој и Карлос Алкараз во продолжетокот на турнирот, прво место на АТП листата за 2023 година.

А, тоа значи дека по рекорден осми пат ќе ја заврши сезоната како најдобар тенисер во светот.

Покрај тоа, Ѓоковиќ обезбеди дека барем 400 недели ќе биде на врвот на ранг листата на Асоцијацијата на тениски професионалци (во моментов 398 недели е лидер) по што е светски рекордер. Втор на таа „вечна листа“ е Роџер Федерер со 310 недели, а следуваат Пит Сампрас со 286, Иван Лендл со 270, Џими Конорс со 268, Рафаел Надал со 209….

Дека против Руне му беше лесно, воопшто не му беше.

Впрочем, Данецот до неодамна водеше со 2:1 во победи против Новак, но српскиот ас го надигра во Париз, а сега и во Торино, после вистински тениски трилер.

Во двата сета данскиот тенисер беше тој којшто имаше брејк предност, но тогаш неговиот поискусен ривал веднаш возвраќаше, и го правеше мечот уште поинтересен.

Имаше во тој дуел и некое не баш класично тениско надмудрување, како обидот и на едниот и на другиот со гестикулации кон публиката да го придобијат неутралниот дел од гледачите на своја страна, имаше и интересен разговор помеѓу Ѓоковиќ и судијата, кој го повика да сервира на време, на што Ѓоковиќ изјави дека не видел мерачи на време во салата што служат за тоа, но имаше секако и мајстории.

И тоа на претек…

Мајсторски одигран тај-брејк во првиот дел, а потоа спасена сет топка во вториот, беа вовед во нов тај-брејк, во кој две големи грешки на почетокот – скапо го чинеа Србинот. Тие, после воведниот поен на помладиот на теренот, му донесоа на Руне 3:0, неговите сервиси потоа зголемија на пет поени разлика, а од тоа немаше спас.

На ред дојде третиот сет, кој со одлична игра го отвори Ѓоковиќ. Прво, сервираше брилијантно, второ го намали бројот на промашувања на минимум, а со оглед на тоа што Руне почна да греши, и тоа во серија, брејкот на Новак му донесе предност од 2:0.

А, потоа, нова доза драма.

Данецот ги искористи лошите проценки на најдоброрангираниот на светот за да му го „одземе сервисот“, што го доведе Ѓоковиќ до таков излив на бес, што со нога скрши два рекета.

Сепак, не помина долго време, а не само што се смири, туку почна да игра како мечот да е во воведниот дел, а не при крајот на третиот час.

Ова му овозможи да стигне до брејк, а тие 4:2 на крајот се покажа како преголем залак за супер талентираниот дански тенисер, пред кој, несомнено, е голема спортска иднина.

Ѓоковиќ во вторник се среќава со Италијанецот Јаник Синер, кој претходно го совлада Гркот Стефанос Циципас со 2:0 во сетови.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: Танјуг/АП)